Вредноста на актерот е во неговата можност да се ослободи од себеси и да пронајде нов начин на размислување што ќе ни го презентира низ својата игра. Поради сето тоа, основната порака што големиот Станиславски им ја давал на актерите била: „Сакај ја уметноста во себе, а не себеси во уметноста. Таа (уметноста) треба да е твојата водечка нитка. Театарот не постои за тебе, туку ти постоиш за театарот, тој бара жртвување“, вели Нада Поп-Јорданова во интервјуто за прилогот за култура ЛИК во рамки на весникот „Нова Македонија“ по повод излегувањето во печат на нејзината најнова книга „Театарот и актерите од сосема друг агол“.

Поп-Јорданова е македонска научничка и професорка од областа на медицината, психологијата, психосоматиката и членка на МАНУ. Објавила над 400 научни трудови, а на повеќето од трудовите таа е единствен или прв автор. Авторка е на неколку книги, меѓу кои и „Театарот и актерите од сосема друг агол“.

– Сѐ што е напишано во оваа книга е базирано на научни истражувања објавени во врвни медицински и психолошки списанија што можат да се најдат во големите бази на податоци. Накратко, како психологијата и невронауката ги толкуваат активностите поврзани за театарската уметност и нејзините учесници – вели таа.