Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека е смешно тоа што „Тајм“ ја избра шведската активистска за климата Грета Тунберг за личност на годината, а сега нејзината слика од насловната страница на магазинот се појави во неговата кампања.

Претседателовата кампања објави фотошопирана фотографија на Трамп како Тунберг на една од официјалните профили на Твитер, @TrumpWarRoom.

– Кога станува збор за почитување на ветувањата, постои само една личност на годината – се наведува во твитот, во кој понатаму се наведува листата на постигнувања на Трамп, вклучувајќи ги и „процутот на економијата“, изградбата на антиимигрантскиот ѕид кон Мексико и трговските договори.

Пред неколку дена, кога беше објавена веста дека 16-годишната активистка е личност на годината според „Тајм“, американскиот претседател го оцени како безначаен нејзиниот избор.

– Грета треба да работи на својот проблем со контролата на гневот, а потоа да отиде на некој добар старомоден филм заедно со другарка! Олади, Грета, олабави се малку – напиша Трамп на Твитер.