Вашингтон пост

Американскиот претседател Доналд Трамп се сомнева во агресивната стратегија за Венецуела на неговата администрација, откако пропаднаа американски поддржаните напори за да се собори од власта претседателот Николас Мадуро, и воедно се пожали дека бил доведен во заблуда околу леснотијата со која социјалистичкиот лидер би се заменил со млада опозициска фигура, како што велат претставници од администрацијата и советниците од Белата куќа.

Незадоволството на претседателот е особено изразено кон советникот за национална безбедност Џон Болтон, а Трамп посебно се побуни против интервенционистичкиот став кој е спротивен на неговиот, односно САД да не се вмешуваат во странски конфликти. Трамп неодамна изјави дека Болтон сака да го вовлече „во војна“, коментар со кој тој порано се шегуваше, но сега му предизвикува сериозна загриженост, како што смета еден висок претставник на администрацијата.

Официјалната политика на администрацијата не е променета во пресрет на играта за власт што минатата недела ја одигра американски поддржаниот опозициски лидер Хуан Гваидо. Но американските претставници оттогаш се повнимателни во нивните предвидувања за брзото заминување на Мадуро додека го преиспитуваат она што еден претставник го опиша како шанси за дипломатски „долгорочни напори“.

Американските претставници ја истакнуваат постојаната посветеност на претседателот околу венецуелското прашање уште од почетокот на неговиот мандат, како доказ дека има реалистичен став за тамошните предизвици и не смета дека постои лесно решение. И покрај тоа Трамп се жалеше во текот на изминатата недела дека Болтон и останатите го потцениле Мадуро, како што велат три високи владини претставници кои сакаа да останат анонимни, за да можат да го кажат својот личен став.

Трамп рекол дека Мадуро е „тврд орев“ и дека советниците не требало да го убедат дека венецуелскиот лидер уште минатата недела можеше да биде соборен од власта, кога Гваидо ги предводеше масовните протести што резултираа со жртви.

Наместо тоа, Мадуро ја одби понудата да ја напушти државата и две клучни фигури од неговата влада се повлекоа од она што Болтон го сметаше за дезертерски план. Мадуро јавно го исмеа Трамп, порачувајќи дека ќе остане во државата и нагласи дека САД се обиделе да извршат „смешен пуч“.

Болтон јавно го откри дезертерскиот план за да изврши притисок врз Мадуро, за кој американските претставници сметаа дека е успешен. Тие тврдат дека Мадуро спие во бункер и е параноичен дека најблиските советници ќе го предадат.

Но Трамп изрази загриженост дека Болтон го ставил во безизлезна ситуација и дека се одлучил за порадикални чекори, како што вели еден американски претставник добро запознаен со американско-венецуелската политика.

Објавите на Болтон на Твитер полни со провокации кон Мадуро за „предвремена пензија“ на некоја „убава плажа“ и апелите за масовно дезертерство нашироко се сметаа за помпезни и предизвикаа нереалистични очекувања за колку брзо може да се собори лидерот од власта, како што смета еден американски претставник.

И покрај тоа што Трамп е незадоволен што Болтон направи ризичен потег во Венецуела, сепак нема да биде сменет од функцијата, како што наведоа два високи владини претставници, а Трамп му рекол на својот советник за национална безбедност и натаму вниманието да му биде насочено на Венецуела.

Се зголемија директните закани од американска воена интервенција во Венецуела заедно со сè поконфронтацискиот пристап кон Иран, со тоа што Болтон минатиот викенд најави дека американски носач на авиони ќе биде распореден за да ги спречи иранските планови за да им наштетат на американските сили на Блискиот Исток.
Во двата случаи, администрацијата усвои цврста политика што е во согласност со инстинктите на Трамп за да наметне американска моќ надвор, но тоа исто така одразува еден вид на воен авантуризам кој тој одамна го исмејува.

Се чини дека на Трамп повеќе му одговара иранската политика која е заснована на неговото силно верување дека претседателот Барак Обама направи погрешна процена со склучувањето на нуклеарен договор со Техеран. Него помалку му одговара ескалираната реторика за Венецуела, која не претставува директна воена закана по САД. Секое тамошно вмешување на американската војска претставува ризик од избивање на платеничка војна со Русија, која го поддржува Мадуро и наводно му продава оружје.

Трамп зборуваше со одобрение за руските акции во Венецуела по долгиот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин во петокот и притоа наведе дека Путин „не сака да биде вмешан во Венецуела и дека би сакал да види позитивни промени во Венецуела, исто како и самиот тој, но и дека сакаат земјата да добие хуманитарна помош“.

Неговиот коментар е спротивен на претходните изјави на државниот секретар Мајк Помпео и на Болтон, кој ја обвини Русија дека воено и финансиски го поддржува Мадуро.

За време на телефонскиот разговор со Путин, Трамп ја изразил неговата загриженост за безбедноста и хуманитарната состојба во Венецуела, потврди лице кое беше брифирано за повикот. Путин со согласил со процените на Трамп, но изјавил дека американските позиции само го зацврстиле Мадуро на власта во Венецуела.
Путин исто така му порачал на Трамп дека Москва не ѝ продава ново оружје на Венецуела, туку дека ги одржува постоечките договори и ја негираше руската финансиска поддршка на земјата.

Настаните од 30 април ефикасно ја одложија сериозната дискусија за жесток американски воен одговор, како што наведоа актуелните и поранешните претставници, но и надворешните советници. Спротивно на тоа, американските претставници веруваат дека времето е на нивна страна и дека Мадуро ќе падне во сопствената стапица. И играта на трпение има свој ризик, сепак ако Гваидо побара американска воена помош.

Болтон, како познат агресивен политичар, најгласно се залагаше во владата за поддршка на евентуален воен одговор на политичката и хуманитарната криза во Венецуела, каде што заострените американски санкции не го натераа Мадуро да се повлече од власта. Сепак, не беше првиот со таков став. Трамп размислуваше за напад или бомбардирање на Венецуела во 2017 година, став што првично се сметаше за нереален.

Трамп сега не сака да нареди никаква воена интервенција во Венецуела, како што изјавија двајца претставници и еден надворешен советник. На состаноците во Овалната соба и во телефонските разговори со советниците, Трамп се сомневаше дека неговата администрација може да даде значително силна поддршка за Гваидо. Некои претставници од Белата куќа сметаат дека на Трамп му се допаѓа харизматичниот лидер, кого тој го нарече храбар, но не е сигурен дали е подготвен да ја води државата и дали владата вистински го познава.

Многуте поддржувачи на Гваидо во рамки на админстрацијата велат дека се докажал како првиот венецуелски опозициски лидер што ги обединил фракциите и претставува веродостојна закана за Мадуро. Неговата позиција во земјата е докажана од фактот што Мадуро досега не му наштети и не го зароби од страв од негативни реакции, сметаат некои претставници.

Лидерите на одбраната во САД сметаат дека секое воено сценарио со распоредување на копнени сили во Венецуела ќе предизвика конфликт и предупредуваат дека оружја како ракетите „томахавк“ претставуваат голем ризик по животите на граѓаните. Белата куќа постојано алудираше на воена стратегија без инвазија.

Претставниците изјавија дека опциите за кои се дискутирало додека Мадуро е на власт се испраќање на дополнителни воени капацитети во регионот, зголемена помош за соседните држави, како Колумбија, и други чекори за хуманитарна помош за раселените Венецуелци надвор од татковината. Подрастични чекори се испраќање на морнарички бродови во близина на венецуелскиот брег во знак на покажување моќ.
Други чекори за кои се дискутирало биле наменети по заминувањето на Мадуро од власта, кога американски воен кадар би добил дозвола за влез во Венецуела како дел од хуманитарните напори.

Џон Д. Фили, поранешен американски амбасадор и политички аналитичар во „Јунивижн“, изјави дека постои и друга причина зошто се мали шансите за воена интервенција.

– Таа е спротивна на реториката за реизбор на Трамп во 2020 година. Во време кога ги повлекува силите од Сирија, Ирак и од Авганистан, како да се распоредат илјадници војници и да се финансира држава во која не знаете кој е добриот а кој лошиот – смета Фили.

Подготвила: Билјана Здравковска