Измамен сум од добро организирана структура. Тоа се структури што извлекуваат придобивки од тактики за медиумски дискредитации, најчесто насочена против личности и земји со евроатлантски аспирации. Ова е еден од обидите за директна штета на нашите стратешките интереси за завршување на процесот за членство во НАТО, истакна премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Владата, по повод случајот со објавените телефонски разговори во кои бил измамен од руски комичари. 

– Станува збор за добро организирани структури, кои работат на ширење влијанија на трети страни, кои доаѓаат од пропагандни медиуми со антинато ориентација, што први ги пренесуваат ваквите дезинформации и шират лаги, со цел на политичка дискриминација. Во април годинава го измамиле и Емануел Макрон, кој мислел дека разговара со Зеленски. Тие успеале да дојдат до Елтон Џон, поранешниот грузиски претседател Михаил Сакашвили, Јенс Столтенберг, Реџеп Таип Ердоган. Листата покажува дека сум во добро друштво – објаснува премиерот.

Тој посочи дека извршени се интервенции во еден дел од разговорот.

– Во еден дел од разговорите извршени се интервенции, при прашањето за Македонската православна црква. Останатиот дел од разговорите ги потврдува ставовите кои ги застапувам за интересите на мојата држава. Во разговорите се слуша мојот став против промена на границите и размена на населението, против нови војни на Балканот, мојот став за верба во успех на договорот со Грција. Ги повторувам вредностите за загарантиран идентитет, како и придобивките од договорот со Бугарија. Потврдувам дека САД ја поддржуваат Северна Македонија. Го пренесувам мојот личен став за автокефалноста, дека ќе направам се што треба за неа, за што разговарав и со Ципрас – вели Заев.

Според него, измамата претставува аларм за демократскиот свет, што налага потреба за борба против лажните вести.

– Ова е нов аларм за целиот демократски свет, кој налага силна потреба за сеопфатна борба против лажните вести. Јас сум жртва на мојата отвореност. Постојано сум на отворена линија со стратешките партнери и со граѓани. Но, неопходно е да се преиспитаат сите протоколи на безбедност на комуникација. Најавувам дека Владата ќе излезе со итен план за акција. Им се извинувам на граѓаните за овој пропуст – посочи Заев.

Руските комичари Вован (Владимир Кузенцов) и Лексус (Алексеј Столаров) објавија видео во кое од името на поранешниот украински претседател Петро Порошенко разговараат со македонскиот премиер Зоран Заев. Комичарите од името на Порошенко на Заев му нудат помош украинскиот претседател да посредува за МПЦ кај вселенскиот патријарх Вартоломеј. Заев со комичарите разговара за надворешната политика – Преспанскиот договор, односите на Србија и Косово, Украина, односите со Русија, ЕУ и со НАТО.