Одбраната на Доналд Трамп во постапката за импичмент ќе се заснова врз дрзок план, а досегашните преземени мерки на американскиот претседател сугерираат оти тој е свесен дека неговиот мандат се наоѓа на тенок мраз, пишуваат американските медиуми. Резолуцијата со која се одобрува истрага за импичмент синоќа беше усвоена во Претставничкиот дом на Конгресот со 232 гласа за, наспроти 196 против.

Откако Трамп ги отфрли апелите за ангажирање на персонал во Белата куќа, тој веројатно ќе доведе истакнат професионалец од полето на јавните односи за да му помогне во комуникацијата во текот на истрагата за импичмент, пренесува „Блумберг“. Тој потроши и милиони долари за телевизиска реклама во рамките неговата изборна кампања.

Трамп, исто така, активно е вклучен во одржувањето контрола во партиските редови, среќавајќи се со повеќе од 60 претставници во Конгресот, во изминатите неколку недели.

– Претседателот го реши прашањето на неговата слаба одбрана од можен импичмент, спојувајќи ја со дрскиот говор за повторен избор, во кој неговото кршење на правила, што го доведе во неволја, се смета за доблест. Претседателот врши притисок врз републиканците да ја прифатат збунувачката, но храбра порака, според која тој, не само што не ја злоупотребил моќта во Украина, туку неговото однесување е типично за жесток претседател напаѓан од корумпираните елити, а придонесува и за зголемување на кредибилитетот на САД во странство – објавува Си-ен-ен.

Трамп е четвртиот американски претседател подложен на официјална постапка за импичмент, но би можел да стане првиот што ќе бара повторен избор откако ќе биде отстранет од функцијата, заклучува Блумберг.