Бугарското обвинителство поднесе обвиненија против тројца руски шпиони за кои се тврди дека биле дел од тајната Единица 29155 осомничена за атентатот врз истакнат бугарски дилер на оружје во 2015 година. 

Триото, наводно, влегло незабележано во Бугарија користејќи лажни пасоши, а потоа употребило отров органофосфат во обидот за убиство на дилерот на оружје Емилијан Гебрев, како и неговиот син, според тврдењата на бугарското обвинителство.

Целите на атентатот преживеаја, но труењето во Софија ги загрозило животите на поголем број на луѓе, се наведува во соопштението од канцеларијата на бугарскиот јавен обвинител.

Бугарското обвинителство испратило меѓународни налози за апсење и покренало црвени потерници на Интерпол за осомничените. Не е јасно дали истражителите планираат да ги обвинат и другите од единицата. Бугарското обвинителство првично не успеа да најде докази и го затвори случајот, за повторно да го отвори во октомври 2018 година, по добивањето на докази од британските служби.

Во октомври минатата година, пак, „Њујорк тајмс“ пишуваше дека специјализирана група на руски разузнавачки оперативци позната како Единица 29155, со години била испраќана да извршува убиства и кампањи за политичко дестабилизирање на Европа. Водечките луѓе на безбедносните служби тврдат дека единицата е одговорна за обидот за атентат на Сергеј Скрипал, поранешниот руски шпион во Велика Британија, за неуспешниот обид за предизвикување на воен удар во Црна Гора во 2016 година, како и за кампањата за дестабилизација на Молдавија.

Западните безбедносни служби тврдат дека обидите за труење во Бугарија помогнале во разоткривање на мрежа на разузнавачки оперативци, чија цел била да ги елиминираат руските непријатели во странство и да го дестабилизираат Западот.

– Рускиот убиец го користеше алијасот Сергеј Федотов за неприметно да влезе во Бугарија, отседнувајќи во хотел во Софија во близина на канцелариите на локален трговец со оружје, кој продавал муниција на Украина. Тој предводеше тим од тројца. Еден од нив се прикраде во заклучена паркинг-гаража и намачка отров врз кваката од вратата на автомобилот на трговецот со оружје. Тој потоа замина безмалку незабележано, со исклучок на матните сники од надзорните камери. Недолго потоа, трговецот со оружје Емилијан Гебрев (65) се сретнал со неговите бизнис-партнери во ресторан, каде што му се слошило. По труењето Гебрев поминал еден месец во болница. Неговиот син исто така бил затруен, како и еден од раководните луѓе на компанијата. По излегувањето од болница, атентаторите уште еднаш ги затруле Гебрев и неговиот син, во нивниот имот на Црното Море. Сите преживеале, но бизнисот на Гебрев уште не се опоравил – пишува американскиот весник.

Гебрев истакна дека не знае оти бил цел на нападот.

– Бев фрлен на волците. Уште се прашувам зошто и како – кажа Гебрев во разговор за американскиот весник.

Тој ги опишува ефектите од отровот.

– Се чувствував како некој да ми фрлил кофа песок врз окото. Го посетив задгробниот живот трипати, според моите проценки. Докторите ми кажаа дека за малку ќе ме загубеле – објаснува Гебрев.

Кога болницата не успеала да открие каков отров бил користен, Гебрев се обратил до финската лабораторија „Верифин“ која открила две хемикалии во неговата урина, вклучувајќи го диетил фосфонатот, кој се користи во пестицидите. Другата хемикалија не можела да биде идентификувана.

Гебрев успеа да се опорави од труењето, но неговиот бизнис уште страда. Во август 2017 година, бугарското министерство за економија привремено ја повлече неговата дозвола за извоз. Гебрев нема телохранители и претпочита да вози сам, но уште е на штрек. Есеноска, надзорна камера во неговиот дом забележа инфрацрвени снимки на фигура со маска која се моткала наоколу.

– Би бил најсреќниот човек на планетата доколку труењето не се случеше, а ми било мачно бидејќи сум изел расипана рукола. Не се гледам како доволно важен за некој да се обидува да ме убие – заклучува Гебрев.

Димитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, во минатото ги отфрли пишувањата за Единицата 29155, велејќи дека се работи за фикција.