Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Во некои од прашањата на корисниците кои се обратиле до компанијата за последните сметки, се утврдило дека во најголемиот дел се работи за точно потрошени киловат- часови колку што изнесува во сметката, а во некои случаи станувало збор за проценета вредност поради непрочитано броило или порамнување од претходно непрочитан период

Иако поскапувањето на струјата беше најавено, граѓаните кои ги добиле сметките за електрична енергија велат дека тие се многу повисоки од очекуваното зголемување. Од први јануари годинава струјата поскапе за 9,48 проценти, но граѓаните велат дека добиле многу повисоки сметки од најавеното поскапување. Некои од нив се сомневаат дека броилата на струјомерите не им биле навреме прочитани, па биле пресметани паушални суми на сметките.

Од ЕВН велат дека сметките за електрична енергија во зимскиот период вообичаено се повисоки од другите месеци, со оглед на тоа што, за жал, повеќето граѓани немаат друга опција за греење.

– Дополнително во Скопскиот регион регистрирана е зголемена потрошувачка на електрична енергија поради догревање во деловите кои се снабдуваат со топлинска енергија, а според корисниците имаат одреден проблем во снабдувањето и поладни радијатори од вообичаено. Имајќи ги предвид овие фактори, зголемувањето на цената на електрична енергија од 1 јануари годинава, има минимална улога. Колку повеќе потрошени киловат часови се регистрирани, толку поголема е и сметката – објаснуваат од ЕВН, нагласувајќи дека 300 денари плус се однесуваат на просечна сметка од 3.000 денари, но ако се греете на електрична енергија, потрошeните киловат часови се далеку повеќе од 3.000 денари, секако во зависност од видот и бројот грејните тела и енергетската ефикасност во домот.

Во некои од прашањата на корисниците кои се обратиле до компанијата за последните сметки, се утврдило дека во најголемиот дел се работи за точно потрошени киловат- часови колку што е во сметката, а во некои случаи станувало збор за проценета вредност поради непрочитано броило или порамнување од претходно непрочитан период.

– И покрај тоа што со „Закон за енергетика“, „Мрежни правила и Правила за снабдување“ е пропишано отчитувањето на броилата да се извршува еднаш годишно, екипите на Електродистрибуција тоа го прават секој месец. Но, се случува броилото да не се отчитува поради различни причини: корисникот е отсутен (не е дома или во објектот), спречување на екипите за отчитување од страна на корисникот, непристапност до мерното место поради тешките временски услови, боледувања, изолации поради коронавирусот итн. Отчитувачите на ЕВН се категорија вработени кои најчесто имаат контакт со корисниците и со тоа се најизложени на опасност од зараза со коронавирусот – објаснуваат од компанијата.

Доколку се случи да не е прочитано броилото, за што се фактурира претпоставена вредност како просек од потрошувачката во последните 12 месеци, корисникот може да пријави состојби преку веб-страницата „ЕВН онлајн“, преку мејл, телефонски и во приемните канцеларии на Корисничките енергоцентри на Електродистрибуција, при што надлежните служби ќе ги направат соодветните корекции.

– Претпоставената фактура не значи по автоматизам повисока фактура за електрична енергија. Истата може да содржи и пониски претпоставени вредности на потрошувачка од реалната во тој месец. Исто така, повисока сметка од очекуваната може да се должи и на веќе направено порамнување по прочитана состојба, за која претходниот месец била испорачана претпоставена вредност пониска од тоа што било потрошено. ЕВН нема никогаш да наплати повеќе од она што корисникот го има потрошено. Доколку поради горенаведените причини не било возможно отчитување на броилото, со наредното отчитување ќе се порамни потрошувачката, во зависност од тоа дали корисникот потрошил повеќе или помалку од последната претпоставена фактура – велат од компанијата.