Нема никаква основа да се зборува дека инфлацијата е победена или ставена под контрола
Инфлацијата во јули се намали на 8,4 отсто, но тоа се должи на она што економистите го нарекуваат базни ефекти, односно на тоа што лани во ова време цените растеа посилно отколку што растат сега. Месечната инфлација во јуни и во јули изнесуваше 1 отсто, што е еднакво на 12 отсто годишно и е превисоко
Изминатиов период граѓаните се соочуваа со неконтролиран раст на цените на храната, но и во иднина тие ќе продолжат да растат. Околу 1.500 прехранбени производи од овој месец ќе имаат повисока цена затоа што ДДВ ќе се зголеми на 10 отсто наместо сегашните 5 отсто. Дали ова е опасност од нови шокови, дали притисокот врз цените допрва ќе расте во есенскиот и во зимскиот период? Се најавуваат повисоки цени и за енергентите, не само за храната, дали тоа значи зголемување и на инфлацијата и што може да очекуваме во иднина изнесоа свои ставови економски експерти.
Како што нагласува економистот Здравко Савески за „Нова Македонија“, веројатноста е голема дека растот на цените на низа прехранбени производи ќе продолжи во наредниот период, а причините за тоа се многубројни.
– Државата со децении нема конкретни мерки за да ги реши проблемите во земјоделството, па понудата на храна се намалува. Инфлаторниот контекст охрабри многумина економски актери да се здружат во одржувањето на цените (и профитите) повисоки отколку што можат да бидат. Станува очигледно дека оставањето на пазарот сам да ја одредува цената, како и обично, не е решение, бидејќи економските актери се здружуваат за да ја држат цената повисока наспроти она што во теоријата и пропагандата треба да биде ефект од конкуренцијата. Во ваков контекст зголемувањето на ДДВ само ќе му дотури масло на огнот, не само на падот на животниот стандард на граѓаните, туку и може повторно да поттикне општ пораст на цените – потенцира Савески.
Савески смета дека исто така треба прво да се затворат сите одвишни расходи на државата пред да се размислува за ново префрлање на финансискиот товар врз обичниот народ.
– Што се однесува до цените на храната, потребно е повторно да се воведе замрзнување на цените, бидејќи очигледен е стремежот за остварување екстра профити од другата страна. Но, во тој контекст, мора да дојде до промена на свеста дека за сѐ што не чини да се обвинува државата. Без промена на оваа свест, како и во пролетта, замрзнувањето на цените ќе има краток здив, зашто, парадоксално, нема да ужива широка поддршка од оние во чија корист би била таа мерка – вели Савески.
Експертите предупредуваат дека притисокот врз цените допрва ќе расте во есенскиот и во зимскиот период за кога се најавуваат повисоки цени и на енергентите.
– Нема никаква основа да се зборува дека инфлацијата е победена или ставена под контрола. Тоа што таа во јули се намали на 8,4 отсто целосно се должи на она што економистите го нарекуваат базни ефекти, односно на тоа што лани во ова време цените растеа посилно отколку што растат сега. Ако се погледне месечната инфлација во јуни и во јули, таа е 1 отсто месечно, што е еднакво на 12 отсто годишно, што е превисоко – истакна неодамна во јавноста Бранимир Јовановиќ од Виенскиот економски институт.
Претходните пет месеци, од јануари до мај, месечната инфлација изнесувала 0,3 отсто, што е значајно помалку од сегашниве 1 отсто. Според процените на Јовановиќ, ценовните притисоци не само што не се намалуваат туку и забрзуваат последните два месеца.