Фото: Маја Јаневска-Илиева

Државата ќе мора секој месец да наоѓа приближно 80 милиони денари месечно за да ги исплати новите покачени плати на функционерите, објавува „Макфакс“. Ова е процената на министерот за финансии Фатмир Бесими, кој рече дека покачувањата ќе бидат за речиси илјада функционери, меѓу кои политичари, обвинители, директори, пратеници.

– Не сме имале начин како да дознаеме за одлуката на Уставен суд. Речиси илјада функционери се во прашање. Приближно 80 милиони денари на месечно ниво, на годишно се 960 милиони денари – рече Бесими.

Парите се непланирани. Ќе се крати од други места, но не се кажува од кои буџетски ставки.

– Се врши пренамена од други позиции. До крајот на годината, во однос на ова законско решение, ќе треба да го примениме законот. Секоја институција треба да си направи пресметка. Овие пари ги нема во буџетот бидејќи не е план на Владата, туку одлука на Уставниот суд – вели Бесими.

Иако постоеја најави дека ќе има напори платите да не се зголемат 78 отсто со одлуката на Уставниот суд – тоа не се случи.

Претходно, Груби се пожали дека, и покрај зголемувањето, има најмала плата, Бектеши не сакаше да каже колку зел оти не бил на училиште.

Досега во Собранието нема предложени измени на законот, со кој ќе се спречи енормното зголемување на платите за избраните и именуваните функционери.