Фото: Игор Бансколиев

– Премиерот Димитар Ковачевски е убеден дека ќе се надмине проблемот со платите на вработените во АД „Водостопанство“. Како што изјави денеска, се работи на долгорочно решение за претпријатието, а целта е да се овозоможи негово постојано, рентабилно работење.

Ќе мора, нагласи, да се направи реструктурирање за точно да се види кои делови носат приходи, а кои се тие што треба да бидат реорганизирани, но тоа не значи дека некој ќе остане без работа, туку дека ресурсите ќе треба да бидат насочени таму каде што најдобро ќе бидат искористени од страна на компанијата.

-Владата во изминатиот период секогаш преку вицепремиерот за економски прашања, министерот за финансии и министерот за земјоделство успеваше да најде решение за оперативното функционирање на АД „Водостопанство“ . Убеден сум дека и сега ќе се најде решение, меѓутоа се работи и на долгорочно решение во делот на ова АД со цел да се обезбеди негово постојано, рентабилно работење. На ваков начин како што работи, тешко дека може да се обезбеди рентабилно работење. Затоа ќе мора да се направи реструктурирање на компанијата за точно да се види кои делови носат приходи, а кои се тие што треба да бидат реорганизирани. Тоа не значи дека некој ќе остане без работа, тоа значи дека ресурсите ќе треба да бидат насочени таму каде што најдобро ќе бидат искористени од страна на самата компанија, истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарско прашање по увидот на градежните работи на „Љубљански мост“ во Скопје.

Според премиерот, АД „Водостопанство“ е исклучително значајна компанија зашто се грижи за снабдувањето вода, пред се, во земјоделството.

-Се работи за компанија која е изложена на големи трошоци и од аспект на инфраструктурно одржување на водоснабдителните системи и од аспект на оперативно работење – голем број вработени, наплата која не е на соодветно ниво што исто така го отежнува нивното работење, рече Ковачевски.

Вработените од АД „Водостопанство“ денеска побараа Владата итно да изнајде решение со кое ќе им се гарантира исплатата на плати. Плата, како што рекоа изразувајќи јавен револт, не земале за јули, а неизвесно е дали ќе земат и во следните месеци, до крајот на годината. Доколку не добијат конкретен одговор во најкус можен рок, од понеделник, како што најавија, ќе организираат протести.