Комитетот за поддршка на развојот на иновациите во финансискиот систем во Македонија (Комитетот за финтек-секторот) на седницата одржана во средата, на 19 април, ја усвои Стратегијата за регулаторите за финтек-секторот, којашто има за цел да обезбеди услови за поддршка на иновациите во областа на финансиите, притоа имајќи ја предвид заштитата на потрошувачите и инвеститорите и стабилноста на финансискиот систем – информираат од Народната банка.
– Стратегијата за регулаторите за финтек-секторот се однесува на регулаторните аспекти поврзани со трансформацијата на финансискиот систем предводена од финтек-секторот. Во неа се содржат препораки за регулаторите при што за нивно успешно спроведување, неопходен е координиран пристап на регулаторите и соодветен механизам за надзор на спроведувањето на препораките од Стратегијата за регулаторите за финтек-секторот – појаснуваат од НБ.
Оттаму потенцираат дека усвоениот стратегиски документ го трасира патот за ползување на придобивките од развојот на иновациите на финансиите, коишто се повеќекратни.
– Според Извештајот на Експертската група на ЕУ за регулативните пречки поврзани со финансиските иновации (РОФИЕГ), развојот на иновациите во сферата на финансиите може да донесе пониски цени на финансиските услуги, поширока лепеза производи и услуги, поголем избор на потрошувачите и компаниите, подобри можности за финансирање, поефикасна регулатива и усогласеност со најдобрите меѓународни практики. Финтек-Стратегијата за регулаторите за финтек-секторот ќе придонесе кон флексибилност и отвореност за промена на регулативната рамка заради поттикнување конкуренција во интерес на потрошувачите и кон натамошно зголемување на отпорноста и стабилноста на финансискиот систем – велат од НБ, додавајќи дека користењето иновативни финтек-решенија ќе доведе до повисока оперативна ефикасност, подобро управување со ризикот и подобра регулативна усогласеност на финансиските институции.
Усвоената стратегија за регулаторите за финтек-секторот е првиот дел од Националната стратегија за финтек-секторот којашто беше разгледана на седницата на Комитетот за финтек-секторот.
Станува збор за завршница на активностите преземени од Народната банка во изминатите години спроведени преку проект на ЕФСЕ започнат во 2018 година, насочен кон поставување на основите за трансформација на финансискиот систем во РСМ предводена од финтек-секторот.
– Во 2019 година во Народната банка беше формирана работна група за финансиски технологии со експерти од различни организациски единици, којашто ја создаде Портата за иновации, како платформа за комуникација со иновативната бизнис-заедница. Во октомври 2020 година, беше спроведена анкета за сеопфатно истражување на екосистемот во која учествуваа 220 испитаници од различни сегменти на екосистемот, при што дури 90 отсто од нив ја потврдија потребата за трансформација на финансискиот систем во РСМ, предводена од финтек-секторот. Воедно, Народната банка и Министерството за финансии беа активно вклучени во процесот на усогласување на регулативата за платежните услуги и платните системи, со која исто така се промовираат технолошките иновации во областа на финансиите – посочуваат од НБ.
На иницијатива на Народната банка, а заради создавање услови за поддршка на развојот на финтек-секторот, финансиските регулатори, Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, минатата година склучија Меморандум за соработка, со кој се постави систем преку кој регулаторите координирано дејствуваат, секој во својата надлежност, во однос на спроведувањето на Стратегијата за регулаторите за финтек-секторот.