Стопанската комора на Македонија денеска на прес-конференција ќе се осврне на проблемот со цената на струјата од која зависи опстанокот на фирмите и работните места.

На прес-конференцијата, како што е најавено, ќе се обрати потпретседателот на Комората Зоран Јовановски.

На средбата, што во јули се одржа меѓу Македонската енергетска асоцијација и претставници на Владата, беше побарано да се зголеми домашното производство на електрична енергија со вклучување на ТЕЦ Неготино и гасната електрана ТЕ-ТО, електричната енергија произведена од повластените производители на енергија односно т.н. зелена енергија повторно да биде наменета само за потребите на индустриските капацитети кои набавуваат струја на слободниот пазар, како и да се олесни постапката за поставување на фотоволтаици за индустриските капацитети.

И претседателот на Стопанската комора Бранко Азески во неговата најнова колумна оценува дека спојувањето на енергетската, финансиската и здравствената криза неминовно бара единствена државна агенда.

– Неделата „Д“ е пред нас, ние сме спремни за разговори со потребното ниво на мобилизација и аргументи, но и оценки за моменталната реалност кои што се над најпесимистичките прогнози (512 евра за мегават час, цена на HUPEX берзата на 20 август) – вели Азески меѓу другото во колумната.