Сточарите бараат итна вакцинација на овците за да се спречи ширењето на болеста сипаници кај малите преживари. Предупредуваат дека ситуацијата е алармантна и дека не е доволно да се врши само идентификација и утврдување на жариштата, заболените грла и зафатените стада.
Тие денеска, на состанок во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), биле информирани дека в понеделник ќе се одржи средба со ветеринарните служби, за да се дефинираат клучните чекори.
На состанокот се пожалиле, како што рекоа, и дека обесштетувањето е многу ниско.
– Ситуацијата е алармантна. Бараме што поитно да се спроведе вакцинација кај овците. Државата не е подготвена да ја спречи болеста која секој ден се повеќе се шири. Има сериозни проблеми околу организацијата. Денеска слушнавме дека е многу бавна процедурата до уништување на овците што се позитивни. Надлежните не можат да најдат место каде да ги закопаат угинатите овци. Некој вика дека е надлежно Министерството за животна средина, друг дека е надлежен Инспекторатот, трет Дирекцијата. Треба да се посвети големо внимание за да не ги изгубиме сите овци. Досега се уништени 2.700 грла. За жал, некои семејства ги губат своите стада и понатаму ќе нема со што да се занимаваат. Верувам дека 90 отсто од тие чии овци се уништени, нема да му се вратат на сточарството – изјави претседателот на Сојузот на одгледувачите на овци „Модерен овчар“, Насер Џемаили.
До денеска Созјуот имал два состанока со АХВ на кои било разговарано за болеста.
– Од АХВ ги прифатија нашите барања и ќе разговараат, како што рекоа, за да најдат решение за вакцинацијата. Ни рекоа дека в понеделник ќе има состанок со повеќе институции, со Ветеринарната комора. Ние сметаме дека повеќе штета ќе имаме од тоа што ќе ги уништат овците, отколку државата да најде решение за вакцинацијата. Нема шанси вакцинацијата да е поскапа од обесштетувањето за угинатите овци – истакна Џемаили.
Според него, обесштетувањето е 7.000 – 8.000 денари за грло, а пазарната цена на една овца изнесува минимум 14.000 денари.
– Ние имаме и овци од раси како што е Романовката, кои чинат по 30.000 денари и повеќе. Затоа, би сакал да апелирам до сите институции, посебно до Владата, што поборзо да се организира, да свика итни состаноци и да им излагаме во пресрет на сточарите за да не ги изгубиме овците. Ние немаме по 15 – 20 милиони овци како во САД, имаме 200–250 илјади грла и тие за две недели може да се уништат, сите до една, ако државата итно не преземе нешто – рече претседателот на Сојузот.
Тој потсети дека веќе има неколку жаришта во Источна Македонија, а ветеринарите и инспекторите, како што оцени, доаѓаат на терен неподготвени, без соодветна опрема и дезинфекција.
– Уште пред една година одржувавме состаноци со надлежните. Бевме свесни дека многу брзо ќе се прошири оваа болест и во Македонија и предупредувавме, зашто сите држави околу нас беа позитивни. Од тогаш, наводно, почнавме да се подготвуваме како држава, но болеста се појави, а ние уште не сме спремни – нагласи Џемаили.
Според Милена Величковиќ, одгледувач на овци и член на Сојузот, една од битните точки што се анализирала денеска со АХВ, била и онаа во врска со мерките за ограничување на движење во кругот од три и десет километри во жариштата.
– Инсистиравме да има анализа на тој дел и корекција во решението зашто имаме јагниња што треба да бидат предадени во кланица и да завршат за извоз, а поради мерките сме ограничени. Од друга страна, имаме ситуации каде што реално не се во можност да ги контролираат индивидуалните одгледувачи дали некој ќе прави промена во стадата – ќе зема овци од едно стадо во друго, а кланиците се тие што може да ги спроведат биосигурностните мерки за транспорт на јагнињата и сите од тој аспект да ги заштитиме, да не дојдеме до ситуација да бидат разболени, да ни ги исплаќа државата, туку да бидат извезени и да имаме прилив на девизи од тие јагниња – рече Величковиќ.
И таа и Џемаили сметаат дека овој момент е клучен за тоа дали Македонија ќе успее да го зачува овчарството. Во овој контекст кажаа дека нема веќе млади што сакаат да се занимаваат со оваа земјоделска гранка.
– Веќе се поздравуваме со сточарството. Можеби ова звучи многу ригорозно, но тоа е реалноста. Треба повеќе внимание да обрнеме ако сакаме да ја задржиме оваа гранка. Долгорочно гледано, со години наназад, се уништува овчарството. Јагнешкото месо е единственото што Македонија го извезува, а не го увезува. Значи, единствен прилив на девизи имаме од јагнешко месо, а немаме одлив – посочија Џемаили и Величковиќ.
АХВ: Ја разбираме загриженоста на одгледувачите на овци, но категорично ги отфрламе тврдењата дека не реагираме навремено во однос на сипаниците кај малите преживари
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) попладнево соопшти дека целосно ја разбира загриженоста на одгледувачите на овци, но категорично ги отфрла тврдењата дека институцијата не реагира навремено во однос на појавата на сипаници кај малите преживари.
Како што нагласува, во услови на појава на заразни болести, од клучно значење е сите засегнати страни – институциите, ветеринарните друштва и одгледувачите – доследно да ги почитуваат пропишаните мерки и да дејствуваат координирано, со цел навремено сузбивање на болеста и спречување на нејзиното понатамошно ширење.
-АХВ останува целосно посветена на заштитата на здравјето на животните и зачувувањето на сточниот фонд. Постапува веднаш по добивањето лабораториска потврда за присуство на болеста, во согласност со законските надлежности, националните протоколи и меѓународните стандарди за контрола и сузбивање на заразните болести кај животните. По секој потврден случај, без одлагање се преземаат сите пропишани мерки, вклучително и ставање на жариштето под контрола, воспоставување заштитни зони и зони под надзор, спроведување епидемиолошка истрага, ограничување на движењето на животните, решенија за контролни и заштитни мерки и други мерки со цел да се спречи натамошно ширење на болеста и да се заштити сточниот фонд – наведува Агенцијата.
Додава и дека навремено и транспарентно ја информира јавноста за секој потврден случај и за мерките што се преземаат, со цел граѓаните и засегнатите страни да бидат навремено запознаени со состојбата.
-Во однос на постапувањето на останатите институции, Агенцијата нагласува дека секоја институција постапува во рамки на своите законски надлежности и овластувања. АХВ нема законска можност да ѝ наложува на друга институција како да постапува, туку во рамки на воспоставениот систем на меѓуинституционална координација соработува со сите надлежни органи. Насоките и мерките за справување со болеста се утврдуваат врз основа на проценка на ризик и стручни анализи од страна на експертската група, составена од релевантни стручни лица, а Агенцијата ги спроведува и координира мерките што се во нејзина надлежност – велат од АХВ.
Сточарите кои денеска беа на средба во АХВ, рекоа дека бараат итна вакцинација на овците за да се спречи ширењето на болеста сипаници кај малите преживари. Предупредија дека ситуацијата е алармантна и дека не е доволно да се врши само идентификација и утврдување на жариштата, заболените грла и зафатените стада, пренесува МИА.
































