Фото: Игор Бансколиев

Регулаторната комисија за енергетика засега успешно се справува со големите очекувања и испорачани барања на енергетските компании за повисока цена, кои, според нивните предложени пресметки за „трошоците“, побарале нереално високи стапки за зголемување на надоместот за пренос и за дистрибуција. Доколку беа прифатени барањата на компаниите, зголемувањето на цената на електричната енергија ќе требаше да изнесува до 20 отсто, што ќе претставуваше сериозен удар за македонските граѓани

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) постави пречка за повисок енергетски ценовен удар на граѓаните

Од први јули до крајот на годината македонските граѓани испорачаната струја ќе ја добиваат со пониски цени, но со повисок пресметан ДДВ, така што сепак, засега, ќе биде избегнат „ценовен шок“ при плаќање на сметките на граѓаните за електрична енергија. Новитет е исто така дека од први декември ќе биде воведена евтина дневна тарифа за струја.

РКЕ изолатор од струен удар

По едномесечните преговори и усогласувања на барањата на компаниите што учествуваат во производството, преносот и дистрибуцијата на електричната енергија во земјава, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ги објави цените за сите четири тарифни блока, со кои во најголем дел домаќинствата нема да доживеат „струен ценовен удар“. Сепак, крајниот ефект од намалувањето на цените во првите два блока ќе биде минимален, поради тоа што на крајната вкупна сметка за плаќање од страна на граѓаните ќе влијае пресудно зголемувањето на стапката на ДДВ од 10 на 18 отсто (за што РКЕ не е надлежна), кое ќе се пресметува на основицата од потрошената електрична енергија. Според тарифникот, од 1 јули продолжува политиката на регулаторот да се намалува цената за оние што трошат помалку струја, а да се зголемува за оние што ја користат недомаќински. Донесените одлуки по блокови за периодот на висока дневна тарифа се следниве: во првиот блок има намалување на цената од 7,04 проценти, во вториот блок има намалување од 4,09, во третиот блок зголемување од 2,54 проценти и во четвртиот блок зголемување од 2,42 проценти.
– РКЕ носи одлуки за цени и тарифи без ДДВ. Домаќинствата со просечна потрошувачка ќе плаќаат пониска цена за енергија и за мрежарина за 4,26 проценти, а со ефектот од зголемувањето на ДДВ од 10 на 18 проценти, ќе имаат зголемување од 2,5 проценти – изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Во првиот блок е месечна потрошувачка до 210 киловат-часа, во вториот блок е од 211 до 630, во третиот е од 631 до 1.050 и во четвртиот е над 1.050 киловат-часа. Со вклучено ДДВ, зголемувањето на цената на фактурата за потрошената струја во првиот блок ќе биде 0,28 проценти, во вториот 2,88 проценти, во третиот блок 9,99, а во четвртиот 9,87 проценти.
Со објавувањето на новиот тарифник за наплатување на потрошената електрична енергија се надмина и големата неизвесност кај индивидуалните потрошувачи и кај фирмите, кои се снабдуваат на домашниот пазар на енергија, од двоцифрено процентно зголемување на цените. Се чини дека Регулаторната комисија за енергетика успешно се справи со амбициозните очекувања кај енергетските компании за повисока цена, кои, според нивните предложени пресметки за „трошоците“, побарале нереално високи стапки за зголемување на надоместот за пренос и за дистрибуција. Доколку беа прифатени барањата на компаниите, зголемувањето на цената на електричната енергија ќе требаше да изнесува до 20 отсто, што ќе претставуваше сериозен удар за македонските граѓани и за помалите потрошувачи.

Зошто и како се отфрлени барањата на енергетските компании

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, даде објаснување и за тоа „како е избегнат поголемиот енергетски удар за домашниот стандард на граѓаните“. Намалувањето на влијанието на повисокиот ДДВ на крајната цена на електричната енергија е направено на неколку нивоа. Имено, барањето што беше поднесено од операторот на пазарот на електрична енергија, кој побара зголемување на цената на неговите услуги за 83 отсто, од регулаторот беше прифатено на пониско ниво, со зголемување за 5,2 отсто (или во номинален износ од 0,0090 денари), што имаше незначително влијание на крајната цена за еден киловат-час.
Истовремено, цената за пренос на електрична енергија се намалува за 17,06 отсто, додека барање од енергетската компанија беше зголемување од 52 отсто! Ова намалување, како што објасни претседателот на РКЕ, се должи на намалувањето на трошоците за загуби во втората половина од годината, кои се проценети во износ од 132 евра за мегават-час, додека во првата половина од годината изнесуваше 220 евра за мегават.
– Дополнително, АД МЕПСО, како оператор на енергетскиот преносен систем, во однос на балансирањето, оствари добивка од 14 милиони евра и таа е одбиена. Исто така се намалува и трошокот за набавка на системски резерви од први јули до крајот на годината. АД ЕСМ ќе треба да го намали овој трошок што е фактуриран кај МЕПСО – објаснува Бислимовски.
Цената за дистрибуција се зголемува за 2,12 отсто, додека барањето на компанијата беше зголемување од 32 отсто! Кај дистрибуцијата на електрична енергија цената за загубите во вториот дел од годината е намалена на 100 евра за мегават-час, во споредба од првата половина на годината, кога изнесуваше 110 евра за мегават-час. За мрежарината, која се пресметуваше во сметките за домаќинствата, вредноста на преносот на електрична енергија и за дистрибуција се намалува за 2,11 отсто. Со ова се надминува проблемот од претходно кога граѓаните плаќаа поголем износ за мрежарина од висината на потрошената енергија.
Секако намалување на цената, кое влијаеше и на балансирање на вкупната цена поради повисокиот ДДВ, имаше намалувањето на надоместот за дистрибуција за 1,77 отсто. Ова се должи на одлуката на ЕСМ,која ја намали цената за загуби во преносната мрежа од 220 евра на 130 евра за мегават-час, а цената за загуби во дистрибуција од 110 на 100 евра за мегават-час. Најголемиот производител на струјата во земјата ја намали и цената за универзалниот снабдувач од 56 на 53 евра за мегават-час.
Како придобивка од последните одлуки на РКЕ е воведувањето евтина дневна тарифа за електрична енергија од 13 до 15 часот, која ќе се применува од 1 декември годинава. Со воведувањето на евтината тарифа, РКЕ пресмета дека ќе се намалат сметките за 5 проценти, што значи дека во декември потрошувачите може да очекуваат дури и пониски крајни цени од сегашните. М.Ј.