Фото: Игор Бансколиев

По лебот, тестенините и дел од млечните производи, од вчера замрзнати се цените и на оризот и јајцата, а Владата анализира дали со бранот замрзнувања на цените на прехранбените производи да бидат опфатени и овошјето и зеленчукот. Истовремено, на 70 проценти е ограничен и извозот на домашно производство на јајца од кокошка со цел да се избегне евентуален дисбаланс во понудата и да се спречи целосен извоз во соседството каде цената е повисока.

Стопанските комори, пак бараат Владата да престане со замрзнување на цените и да најде други механизми за помош на граѓаните како што се намалување на даноците и на ДДВ-то и да се интервенира преку државните резерви.

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ќе одржи работен состанок со сопствениците на најголемите супермаркети во земјата.

Владата вчера ја замрзна цената на јајцата и оризот на нивото на цените кои се применувале на 15 март годинава во трговијата на мало, за соодветната класа по производ.

Како што соопшти министерот за економија Крешник Бектеши, просечната цена на јајцата на 15 март изнесувала околу 8,5 денари, а најскапото чинело 9,8 денари зависно од пакувањето, амбалажата и трошоците што ги имале компаниите.

Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата во Владата рече дека во изминатиот период е утврден значаен пораст на цените на оризот и јајцата, како резултат на движењата во однос на извоз и увоз на овие производи.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ ќе биде главниот преговарач, а во тимот ќе учествуваат и домашни експерти, државни службеници и стручни лица надвор од институциите, како странски експерти.

-За таа цел, а во пресрет на претстојните празници Велигден и Бајрам, со цел да се спречи евентуален дисбаланс на домашниот пазар и недостаток на јајца од кокошка, производителите, најмалку 70 проценти од домашното производство на јајца ќе го пласираат на домашниот пазар, а трговците на мало да продолжат да ја набавуваат вообичаената количина на јајца што ја набавувале во јануари и февруари 2023 година, рече Ковачевски.

Овие мерки, како што укажа, не се носат произволно, туку се базирани врз аргументирани факти и анализи, реализирани во изминатиот период.

Одлуката за ограничување на извозот на јајца, како што појасни министерот Бектеши, е донесена за да не се одлее целото производство надвор од државата каде цените на овој производ се многу повисоки.

-Многу е важно да се нагласи дека е зголемена побарувачката за производството на јајца од државава особено од нашите соседи каде што цените се движат од 14 до 20 центи и нагоре. Тоа значи дека ако се дозволи целосен извоз повеќето заради економски интерес би можеле да го насочат целото производство во соседните држави. Затоа дополнително освен за замрзнувањето на цената е донесена и одлука за ограничувањето на извозот, каде што 70 проценти од целокупниот пласман во јануари и февруари сите наши производители да ги снабдуваат нашите ланци на маркети, а со тоа да нема недостаток на овој производ и да нема зголемување на цената како притисок однадвор особено од државите во регионот – рече Бектеши.

Од Владата порачуваат дека ќе продолжат да ги следат случувањата на домашниот пазар и на светските пазари и оти соодветно ќе реагираат.

На вчерашната седница на Владата е разговарано и за евентуално замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот, а анализите што ги направило Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство треба да се достават до Министерството за економија и до Кабинетот на премиерот.

Од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) вчера во пресрет на прес-конференцијата во Владата, побараа да се престане со замрзнување на цените на основните прехранбени производи и наместо тоа да се најдат други можности за намалување на цените за крајните корисници, како што се намалување на даноци и ДДВ и интервенирање преку државните резерви.

И од Стопанската комора на Македонија порачаа дека замрзнувањето на цените не е пазарно решение, а товарот од кризата, како што рекоа, не треба да го носи само една индустрија, туку да падне врз грбот на сите по малку. Предложија државата да даде таргетирана финансиска помош на ниво на семејства кои би купувале леб по замрзнати цени.

– Сите одлуки за цените се донесени по директни разговори со производителите и се информирани и стопанските комори и Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) и Стопанската комора на Северна Македонија – рече вчера министерот Бектеши.

Нагласи дека се отворени за предлози за други мерки, механизми и методологии но, само доколку тие се одржливи. Досега добиле конкретен предлог само за укинување на сите царински давачки, што, според Бектеши, е неодржливо на краток и на долг рок.

Првата одлука за замрзнување на цените беше донесена на 28 февруари кога се замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, а потоа на 16 март Владата донесе одлука да се замрзнат и цените на дел од тестенините и млечните производи.