Фото: Игор Бансколиев

Новата одлука неминовно ги наметнува прашањата за ефектите што ќе произлезат од неа, колку време може да се применуваат вакви ограничувања во слободна пазарна економија, но и дали некој ќе трпи штети од ограничените маржи

Пред истекот на рокот на замрзнување на цените на одредени продукти, Владата излезе со нова мерка, која ќе важи од 1 март до крајот на мај, а тоа е одлука за највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало. Со оваа одлука се определува највисоката трговска маржа да изнесува до 5 отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, додека кај трговијата на мало највисоката маржа треба да изнесува до 10 отсто. Оваа одлука се однесува на лебот, шеќерот, солта, брашното тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомесните производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот.
Ваквата одлука неминовно ги наметнува прашањата за ефектите што ќе произлезат од неа, колку време може да се применуваат вакви ограничувања во слободна пазарна економија, но и дали некој ќе трпи штети од ограничените маржи.
Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека намерата е да нема зголемување на цените на производите и оти очекува во одредени синџири на супермаркети да има намалување на цените на основните производи.
– Во делот на маржите за основните прехранбени производи мислам дека нефер практики се одредени чинители на синџирот на трговија во државата да добијат маржи над 30, па до 50 отсто, особено нефер е во време на пандемија и во време на вакви кризни состојби – објасни Бектеши и дополни дека слични решенија се применуваат во држави-членки на ЕУ.

Ограничувањето на маржата нема да го реши проблемот со инфлацијата

Сепак, ваквата одлука за бизнисмените може да предизвика штета на пазарот, да ја намали понудата од одредени продукти, по што може да изгубат и граѓаните и бизнисмените, но и државата поради намалување на даночниот опфат.
– Ние како комора сметаме дека оваа мерка нема да има ефект врз целата ситуација на инфлацијата. Во спротивно, ова претставува само пречка за трговците, дистрибутерите, но и за произведувачите, бидејќи доколку дистрибутерите и трговците треба да ги продаваат истите тие со загуба, тогаш можно е да се случи сценарио во кое трговците и дистрибутерите ќе ги избегнуваат тие производи. Како последица на тоа ќе падне и обемот на работа и кај производителите, а тие веќе имаат многу тешкотии поради големите поскапувања, почнувајќи од суровините, преку електричната енергија, нафтените деривати, зголемувањето на платите итн. Кога оваа мерка се гледа од сите страни, ни дава да разбереме дека нема да реши никаков проблем, а може и дополнително да ја отежне ситуацијата – потенцираат претставниците на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ).
Оттаму дополнуваат дека замрзнувањето на цените како мерка требало да трае само краток период, бидејќи инфлацијата не дојде како последица од кризи на домашниот пазар, туку како последица од глобалните кризи, како што се ковид-19 и кризата со енергентите.
– Што се однесува на замрзнувањето на маржите кај трговците на мало и големо, сметаме дека Владата требаше да се консултира со бизнис-заедницата пред дa донесе ваква одлука. Исто така, одлуката не беше дефинирана до детали, кои се многу важни за бизнисите, бидејќи не се знае дали замрзнувањето на маржата од 5 отсто за трговијата на големо и 10 проценти за трговијата на мало ќе се пресмета од бруто или нето-цената на производите. „Впечатоците“ се дека трговците имаат голема маржа на добивка, но тоа е сѐ додека не се додаваат дополнителните логистички трошоци, кои стигнуваат од 11 отсто, па дури до 18 проценти за одредени производи, вклучувајќи ги и тие за кои е донесена оваа одлука. Доколку во тоа замрзнување на маржите не се предвидени овие трошоци, тогаш оваа мерка дефинитивно ќе биде погрешна. Треба да се има предвид дека еден од методите за борба против инфлацијата е и разновидноста на понудата, која природно ќе ги адаптира цените според капацитетите на потрошувачката. Исто така треба да се има предвид дека од вкупните 72 илјади деловни субјекти во нашата земја, дури 22 илјади се од трговија на мало и трговија на големо, што значи дека се најголемата категорија на субјекти во нашата земја. Треба да имаме предвид колку вработени се во тие субјекти и, доколку се оштетуваат трговците, може да изгубиме многу работни места, особено ако се применува овој пристап за какви било мерки што Владата може да ги донесе во иднина – потенцираат од СКСЗМ.

Ризици за откажување од производство

Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, вели оти ограничувањето на маржите на трговците е поправична одлука во однос на досегашната за замрзнување на цените.
– Замрзнувањето на цените во услови кога имаме раст на цените на влезните суровини ги доведува во многу неповолна положба производителите. Во такви услови, производителите на подолг рок се принудени да го намалуваат производството на овие производи и да го зголемуваат производството на други производи од нивната палета што немаат ограничени цени. Ова може да доведе до недостиг од некои производи на пазарот – посочува Димитров.
Тој објаснува дека, за разлика од замрзнувањето на цените, замрзнувањето на трговските маржи на големо и мало ќе доведе до намален профит на трговците, но производителите ќе можат своите продажни цени да ги зголемат во согласност со зголемувањето на влезните трошоци за суровини и енергенти.
– За жал, Македонија, иако се сметаме за земјоделска земја, увезува голем процент прехранбени суровини и готови производи. Зголемувањето на цените на струјата, нафтата и гасот драстично ги зголеми трошоците за производство. Затоа на овој начин ќе се заштитат домашните производители на прехранбени производи, а товарот ќе се пренесе на трговците, кои во минатиот период беа во лагодна состојба и трошоците за инвестиции во нови продажни објекти многу вешто ги префрлаа на производителите, кои мораа да ги прифатат. Може да се случи и намалување на некои малопродажни цени, во случај на намалување на влезните суровини и енергенти кај производителите или ако зголемувањето на производствените цени е помало од намалувањето на трговските маржи. Ова ќе биде редок случај, сведоци сме на огромен раст на енергентите, кои се влезна компонента речиси на сите производи – појаснува Димитров.
Претседателот на Собранието на ОРМ посочува дека досега трговците „измислија“ еден куп дисконти и попусти, како влезен рабат, разни акции за намалување на цената, рабати на извршени уплати или пак годишни рабати, со цел поголем дел од нивните трошоци да ги префрлат на производителите.
– Поради ова, неопходно е пазарната инспекција детално да врши контрола на новата мерка, како таа од една страна ги заштити потрошувачите, а од друга страна да ги спречи трговците да најдат нови начини за префрлање на товарот од замрзнувањето повторно на производителите – потенцира Димитров.

Со маржите ѝ се прави штета на севкупната економија

Бизнисменот Миле Бошков вели дека ваквите одлуки воопшто не се карактеристични за држави со слободна пазарна економија, форма што и нашата земја ја одбрала со осамостојувањето, и додава дека со ваквото државно мешање губат и граѓаните и компаниите и државата.
– Искрено да кажам, дури сум вознемирен од начинот на кој ѝ се приоѓа на целата ситуација. Концептот на политичко-економската одлука на државата да се движи кон принципите на слободна пазарна економија, на параметри што се поставени во европската легислатива, која ние ја прифаќаме, воопшто не одговара со одлуките што се носат сега. За изјавата на министер од областа на економијата дека компаниите правеле голем профит и го гледа тоа како несоодветно однесување, би требало некој да го потсети, дека за каков било профит во државата компаниите плаќаат данок, плаќаат трошоци во согласност со законите и профитот на една компанија е исклучиво од корист за државата, бидејќи имаат даночна основица на која се пресметуваат повеќе видови даноци. Одредувањето маржа е одраз на планска економија, која ја имавме во минатото и пред осамостојувањето и пред да го смениме политичкиот систем. Секое мешање на политиката во економијата лошо се одразува – посочува Бошков.
Според него, со одлуките на замрзнување на цените на храната или, пак, на маржите ѝ се прави штета на севкупната економија.
– Од ваквите одлуки, губат сите, без оглед дали станува збор за одредени продукти и со одредена маржа. Не треба да се меша државата во формирањето на цените и маржата, бидејќи не ги знае трошоците. Како може да ги знаат трошоците на сите компании. Под притисок на ограничената маржа, ограничените цени, некои производители може да престанат да произведуваат, а со тоа губиме сите, потрошувачите нема да ги имаат тие продукти, компаниите поради намалено производство губат од прометот, но и државата, бидејќи се намалува обемот на даночење. Што ако почнат повеќе производи да не се произведуваат или увезуваат – прашува Бошков.


  •  5 отсто највисока маржа во трговијата на големо
  • 10 отсто највисока маржа во трговијата на мало
  • 11-18 проценти дополнителни логистички трошоци за производите во малопродажба