Решенија!

Ценејќи го севкупниот амбиент создаден на меѓународен план, тешките регионални проблеми и состојбите кај нас, а во контекст на постојните кризи од 2008 година наваму, потребно е на јавноста да ѝ ги соопштиме нашите ставови на прецизен и едноставен начин

1. Од осамостојувањето на земјата пред 31 година, македонската економија оствари раст на бруто-домашниот производ (БДП) од 1,7 отсто. Јавниот долг се зголеми од 23 отсто во 2008 година на 57,5 отсто во првиот квартал годинава. Маневарскиот простор за ново задолжување е стеснет, а државата не успеа да го реформира својот образовен систем спрема потребите на пазарот на трудот. Земјата и понатаму е високо зависна од увоз на енергенти и со тоа подложна на силни ценовни удари, без потребната алтернатива.
2. Ваквите неповолни состојби во економијата во значаен дел се должат на нефункционирањето на правната држава, непочитувањето на пазарните законитости, политизацијата и доминацијата на партиските над државните интереси.
3. Кои се решенијата од овие состојби? Еве, ние ќе понудиме нешто конкретно. Декларацијата што ја донесовме во Стопанската комора на 14 јули 2022 г., а која досега ја потпишаа над 300 компании членки, МАНУ, сите државни универзитети и сите релевантни бизнис-асоцијации, сега да биде прифатена и потпишана и од парламентарните партии што имаат свои пратенички групи во Собранието. Убедени сме дека на тој начин би се заокружиле сите релевантни чинители во градењето на економските политики што ќе се согласат дека во наредните десет години приоритет ќе има економијата. Дека сето ова ќе се спроведе, гаранција ќе биде склучувањето посебен договор меѓу јавниот и приватниот сектор. Со договорот ќе се регулираат меѓусебните односи, со кои, пак, ќе се трасира патот кон првиот консензус за прогрес на државата, во кој бизнисот ќе има централно место. И конечно, наместо општи констатации, ќе имаме конкретни носители, утврдени рокови и прецизни правила на игра.
СКСМ се одлучи на ваков предлог ценејќи дека мултиплицирањето на низа проблеми во тесен временски период може да го загрози опстојувањето на бизнисот.

П.С. Во консултациите што ги имавме преовладуваа зборовите: доста констатации – дајте решенија, одговорност и за државата, задржете ги младите, разбудете ги сите во борбата против инфлацијата, барајте лојалност кон државата, Декларацијата на СКСМ е визионерски документ, доста предвремени избори, стоп за популизмот во економските политики, ограничете ја моќта на политиката.

Бранко Азески

Авторот е претседател на Стопанската комора на С. Македонија