Фото: Маја Јаневска-Илиева

Граѓаните денес чекаа во редици за склучувањето на договорите со новиот снабдувач со топлинска енергија на градот Скопје, ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, како носител на лиценца издадена од Регулаторната комисија за енергетика.

Договорите можат да се извршат на три пункта – Центар на улица Кочо Рацин, број 33 кај Олимписки базен; пункт Исток на улица Јане Сандански, број 49, во населба Аеродром и пункт Запад на улица Лондонска, број 8, во Тафталиџе.
Граѓаните се револтирани зашто треба да чекаат во редици за да склучуваат нови договори, а притоа нивните податоци веќе фигурираат во системот.

– Нашите имиња и сите потребни податоци веќе ги имаат кај нив во систем. Зошто да чекам олку долго за нешто што можат сами да го завршат, зошто ги малтретираат граѓаните – вели Мирјана К.

Од ЕСМ велат дека поради регулирање на потрошувачкиот однос на снабдувачот со потрошувачите утврден во Правилата за снабдување со топлинска енергија, потребно е да се склучи Договор за снабдување со топлинска енергија.

Новите договори за парно ќе се потпишуваат на три пункта, не се преземаат спогодбите со БЕГ

За таа цел потрошувачите на чии име се води парното греење во домот/објектот, потребно е да се обратат во пунктовите на ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, каде во куса постапка ќе им биде приложен потпис Договор со новиот снабдувач, кон кого ќе ја имаат обврската за плаќање на услугата.
За склучување на договорот потребно е да се понесе документ за лична идентификација и фактура (или копија) за топлинска енергија од претходниот снабдувач.

Во Скопје работното време на трите пункта е од понеделник до петок од 8 до 18 часот и сабота од 9 до 13.30 часот.