Според последните податоци нема зголемување на цените кај земјоделците, туку станува збор за нешто што трговците го наметнуваат на грбот на граѓаните. Откупната цена на млекото просечно се движи околу 30-32 денари, воопшто не е оправдано разликата на цената да биде на грбот на граѓаните, а да профитираат трговците, вели министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.
Токму затоа, како што рече тој вечерва во гостување на телевизија „Сител“, навистина како држава мора експресно и во тој дел сите институции да реагираат.
– Ние како Министерство сме задолжени да даваме поддршка на производителите и на земјоделците, на фармерите при самото производство, да го задржиме и да го зголемуваме самото производство на храна – укажа Николовски.
На прашањето колкаво влијание на зголемувањето на цените имаат земјоделците и колку тие добиваат од тоа зголемување, Николовски рече дека според последните податоци нема зголемување кај земјоделците, туку станува збор за нешто што трговците го наметнуваат на грбот на граѓаните.
-Токму затоа се овие остри реакции и Владата, во вторник ќе се донесе пакет на мерки со коишто ќе се ограничат цените на основните прехранбени производи заради тоа што драстична е разликата помеѓу растот на светските берзи на храната и растот којшто го имаме ние на рафтовите во маркетите, односно цената којашто плаќаат граѓаните – нагласи Николовски.