Фото: Игор Бансколиев

За и против: Што донесоа и што ќе донесат владините одлуки за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало

Владата на Македонија, почнувајќи од 28 февруари, донесе серија одлуки за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало.

Замрзнувањето на цените почна во малопродажбата, со цената на лебот

Со одлуката од крајот на февруари се определуваат највисоките цени во трговијата на мало на леб, бел и полубел (сечен на парчиња, или цел). Највисоките цени на производите, според предлогот од Министерството за економија, се утврдени во висина на цена што изнесува 33 денари по леб, со тежина што изнесува 450 грама и повеќе, а со тежина под 450 грама се утврдува висина до 33 денари по леб, односно цена што ќе биде во сооднос со тежината на лебот. Овие цени ќе се применуваат до 31 мај 2023 година. Во образложението од Министерството за економија е посочено дека, во најголем дел, производителите на пекарски производи, кои три месеци беа корисници на субвенционирана струја, не ја намалија цената на белиот леб на соодветно ниво, поради што е оценето дека треба да има ограничувања на цените на посочените видови леб.

Тестенините поевтинија за 15 отсто

Од 16 март беа ограничени цените на тестенините и на млечните производи со што тие се намалија за 15, односно 10 отсто. Од тестенините конкретно станува збор за макароните и шпагетите за 15 отсто, а намалувањето на нивните цени беше за околу осум-девет денари. Со ова се вратија цените што се применуваа во трговијата на мало на 1 март 2023 г.
Оваа одлука ќе се применува од 16 март 2023 година до 31 мај 2023 година. Исто така се укинуваат и царинските давачки за увоз на овие производи за периодот од 13 март 2023 до 31 мај 2023.

Цените на млечните производи намалени за 10 отсто

Цената на млечните производи се замрзнува, односно се утврдува намалување на 10 отсто на цените што се применувале на 1 март. Со одлуката на Владата се замрзнаа цените на млечните производи, и тоа на трајното кравјо млеко со масленост од 2,8 отсто, 3,2 отсто и 3,5 отсто; урдата; кравјото бело сирење и мешаното бело сирење; кравјиот кашкавал – со исклучок на кравјиот кашкавал без додатоци и пармезан; киселото млеко; павлаката и јогуртот без додатоци. Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените што се применувале на 1 март 2023 година во трговијата на мало, кои се намалуваат за 10 проценти. Исто така, поради тоа што претходно не ги намалија цените, беше укинато субвенционирањето, односно повластената тарифа на струјата за производителите на основните прехранбени продукти.

Утврдени максималните цени на јајцата и оризот

На 21 март со владина одлука се определени највисоките цени во трговијата на мало на свежи јајца од кокошка и ориз и се определува обврска за трговците. Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените што се применувале на 15 март 2023 година во трговијата на мало, за соодветната класа по производ. Просечната цена на јајцата е околу 8,5 денари и најскапото може да оди до 9,8 денари од јајце. Зависи од пакувањето и амбалажата, во зависност од компаниите во делот на трошоците што ги имаат. Трговците што претставуваат правни и физички лица, кои се регистрирани за вршење трговска дејност во соодветен регистар во согласност со закон, имаат обврска редовно да прибавуваат и да продаваат свежи јајца од кокошка, во количества што редовно се прибавувале и продавале во јануари и февруари 2023 година.
Трговците што претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење производство, кои своите производи ги продаваат на пазарот, имаат обврска најмалку 70 проценти од своето производство на свежи јајца од кокошка да го стават во промет на домашниот пазар.
Највисоките цени на наведените производи во одлуката и обврските на посочените трговци ќе се применуваат до 30 април 2023 година.
Со оглед на тоа што цената на увозот на свежи јајца од кокошка расте, како и пројавениот интерес на извоз на домашното производство на јајца од кокошка, оценето е дека сето ова може да доведе до недостиг на пазарот и значаен пораст на цената од сегашната продажна цена.
Што се однесува до оризот, во согласност со податоците од Царинската управа од 1.1.2023 до 15.3.2023 година, остварен е вкупен извоз на ориз во количество од 1.070.383 кг во вредност од 70.034.849 денари, а просечната извозна цена на ориз изнесува 68,47 ден/кг за ориз со средни зрна, односно 64,34 ден/кг за ориз со долги зрна, што е повисока цена за 30 проценти, во однос на просечната извозна цена во 2022 година.

Производите за хигиена со помали цени за 13 отсто

Владата ги замрзна и цените на хигиенските производи, преку одредување највисока цена по која може да се продаваат тоалетната хартија, влажните марамчиња, пелените за деца и возрасни, хигиенските влошки. Намалувањето ќе биде 13 отсто од цените што биле во трговијата на мало на 20 март оваа година.
Од периодот од 1 март до 24 март 2023 год., цената на тоалетната хартија се движела од 94,8 до 205 денари и на оваа цена кога ќе се пресмета и ДДВ би се движела од 111,8 денари до 241,9 денари, а главно повеќе од сите овие производи повеќе од 85 отсто се увезени во нашата држава. За влажни марамчиња во просек цената се движела од 94,6 денари во јануари, 94,5 во февруари и 83,2 денари во март 2023 година каде што имаме царинска ставка од 6 отсто, не е вклучено ДДВ. За пелени цената се движи од 36 денари по парче до 1.600 ден по кутија со повеќе парчиња и тука не е вклучено ДДВ, објасни министерот за економија Крешник Бектеши.