Фото: Игор Бансколиев

Според груба пресметка, просечно семејство, со две деца и со едно возило, ќе треба да плати околу десет илјади денари. Тој износ варира, во зависност од бројот на пасоши што би се извадиле и бројот на возила што ги поседува семејството. Исто така сумата е варијабилна бидејќи директно зависи и од возраста на членовите на семејството

ФИНАНСИСКО РАСТОВАРУВАЊЕ ИЛИ НЕ?

Ќе се спасат ли граѓаните од дополнителен трошок за вадење нови регистарски таблички, поради законската обврска што произлегува од Преспанскиот договор, која наложува до февруари 2024 година сите документи да бидат сменети со новото државно име Република Северна Македонија? Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, гостувајќи во утринската програма на националната телевизија, беше прашан за најавеното можно решение за употреба на налепници на регистарските таблици наместо да се издаваат нови како обврска од Преспанскиот договор, при што тој истакна дека тоа решение е во напредна фаза, но на крајот ќе се разговара на седница на Владата за конечното решение.

МВР РАЗМИСЛУВА ЗА ЛЕПЕНКИ НМК НА ТАБЛИЧКИТЕ

Откако претходно направивме анализа на конкретните трошоци што произлегуваат од обврската да се променат сите документи, и експертите укажаа дека онаму каде што може државата би требало да ги избегне трошоците за граѓаните, односно на регистарските таблички да се залепи налепница НМК, министерот Спасовски истакна дека се размислува и за таа опција.
– Како МВР, сметаме дека едно од решенијата е да се стават налепници. Со налепници практично без некаков трошок или со многу мал трошок да се задоволи тој законски момент – рече министерот Спасовски.
Тој нагласи дека има три категории на возила, на граѓани што поседуваат такви возила.
– Имаме регистарски таблици со три бројки, кои се многу стари, кои не се променети воопшто, имаме околу 220-230 илјади што практично се со МК и нови таблици со четири бројки што треба да се променат и уште толку што веќе се променети, значи над 220-230 илјади што се променети – рече тој.
Спасовски нагласи дека за МВР е најважно да се донесе најдоброто решение.
– За нас е важно да се донесе најдоброто решение за граѓаните и да се остави опциска можност, ако сака граѓанинот да ја смени табличката, ако сака да стави налепница. Тоа би било едно од можните решенија. Јас очекувам дека наскоро ќе го дефинираме и ќе излеземе пред јавноста. Ние стоиме на располагање преку измени во упатства да имаме поповолно решение за секого од нас – рече министерот Спасовски.

ПОРАСТ НА ТРОШОЦИТЕ

До февруари 2024 година граѓаните имаат законска обврска да ги сменат сите лични документи на кои наместо досегашното име Република Македонија, треба да стои новото име, кое произлегува од Преспанскиот договор со Грција, Република Северна Македонија.
Па, така, првичните износи што беа пресметани, а кои претставуваат финансиски товар за граѓаните, според пресметките, изнесуваа некаде околу четири илјади денари.
И таа сума не е фиксна, бидејќи сѐ зависеше од тоа на која возраст е лицето, дали до 27 или над 27 години, дали има или нема автомобил, дали е во брак, дали има деца и колку деца има.
Неодамна, пак, пристигна дополнителен шок за граѓаните, од информацијата дека МВР, како последица на зголемени набавни цени на увезени обрасци, зголемени трошоци за одржување на системот и набавка на нови машини, ги покачува цените за вадење лични документи.
Па, така, за лична карта граѓаните ќе мораат да платат 310 денари, што е зголемување за 120 денари. Возачката дозвола ќе чини 410 денари, што е поскапо за 130 денари. Цената на пасош за лице до 27 години останува 1.500 денари, но за лице над 27 години ќе изнесува 2.000 денари.
Овие цени се дел од новото решение за цени на Министерството за внатрешни работи. Ќе има промени и во цените за документи по итна постапка. Пасошот по итна постапка ќе чини 6.100 денари, што е зголемување за 1.600 денари, додека, пак, за возачка дозвола ќе се наплаќа 1.230 денари, што е зголемување за 390 денари.
Според груба пресметка, просечно семејство, со две деца и со едно возило, ќе треба да плати околу десет илјади денари. Тој износ варира, во зависност од бројот на пасоши што би се извадиле и бројот на возила што ги поседува семејството. Исто така сумата е варијабилна, бидејќи зависи директно и од возраста на членовите на семејството.

ЕКСПЕРТИТЕ ПРЕДУПРЕДИЈА

Претходно, универзитетскиот професор Борче Давитковски во изјава за „Нова Македонија“ истакна дека сите обврски што произлегуваат од Преспанскиот договор требало да бидат со финансиски олеснувања.
– Кога се прави колективен договор како Преспанскиот, сите обврски што произлегуваат од него за граѓаните треба да бидат на државниот буџет или, пак, најскапите, оние што најмногу чинат, да може да се регулираат со налепници до нивното менување. Сега сите ќе мораат да ги менуваат регистарските таблички, а сето тоа можеше да се регулира со налепници НМК – смета проф. д-р Давитковски, кој на Правниот факултет „Јустинијан Први“ реализираше настава од областа на јавната администрација и административното право.
Според него, потребно е да се бајпасира за да не дојде до голем финансиски товар на граѓаните.
– Дополнително ќе се создава невиден метеж, сите ќе треба да ги менуваат документите. Ќе треба и дополнителни обврски за реажурирање договори за паркирање. Коректно беше само тоа што објавија една година однапред, за граѓаните навремено да бидат известени и дека имаат една година за тоа да го направат. Сега сите се запознаени дека при прва регистрација на возилото ќе треба да бараат и замена на табличките – смета тој.

[email protected]


Назив на услуга стара цена нова цена

Лична карта 190 310
Возачка 280 410
Возачка по итна постапка 840 1.230
Пасош за лица до 27 години 1.500 1.500
Пасош за лица над 27 години 1.500 2.000
Пасош по итна постапка 4.500 6.100