Фото: Влада

Премиерот Ковачевски порача

Премиерот Димитар Ковачевски, во однос на тоа како коментира одредени изјави на членови на Заедничката историската комисија со Бугарија, како и во однос на новиот пристап преку дијалог на новоформираните работни групи меѓу двете земји, рече дека треба да се остави на историчарите според својата методологија да ги даваат изјавите, политичарите да зборуваат за политичките прашања, историчарите за историските прашања.

– Историчарите работат според методологија, претседаваат двајца претседатели. Политичките прашања се предмет на разговорот помеѓу министерствата за надворешни работи. Тие денеска имаат состанок во Софија и кога комисиите ќе имаат што да изјават тогаш тоа останува на нив заеднички да го направат. Во однос на Историската комисија треба да се остави на историчарите според својата методологија да ги даваат изјавите, политичарите да зборуваат за политичките прашања, историчарите за историските прашања – рече Ковачевски.

Тој потсети дека со Бугарија е отворен нов пристап во дијалогот при што се формирани работни групи.

– Работните групи веќе ја почнаа својата работа. Првата работна група е во делот на економијата, иновациите и трговијата и го одржа својот состанок. Втората е во областа на инфраструктурата, транспортот, а гледате дека денеска се случи и првиот авионски лет, образование, култура, евроинтеграции – рече Ковачевски.

Тој истакна дека претставници на историската комисија исто така присуствувале на средбата на заедничката владина седница, што се одржа во Софија на крајот на јануари.

Во Софија денеска се одржува редовниот состанок на експертско ниво, меѓу министерствата за надворешни работи на Македонија и на Бугарија согласно договорената динамика на билатерални преговори за т.н. пакет на политички прашања.

Состаноците на работните групи меѓу двете земји, ќе продолжат со најавеното темпо – четири пати до пет пати во месецот ќе се среќаваат делегации на двете земји за да разговараат за прашања од инфраструктурата, образованието, културата, евроинтеграциите, историјата. Овој месец преговорите продолжуваат преку комисиите, при што на 14-ти ќе се состане Работната група за евроинтеграции, потоа на 21-ви Работната група за образование и на 28 февруари состанок ќе има Заедничката комисија за историски прашања.


Сите работодавачи се должни да го почитуваат законот за минимална плата

Сите работодавачи без разлика дали се од приватниот или јавниот сектор се должни да го почитуваат спроведувањето на Законот за минимална плата, а секое непочитување треба да се пријават во надлежните институции, вели премиерот Димитар Ковачевски.

Според него, овој закон важи за сите работници во државата и во однос на неговото спроведување нема разлика дали станува збор за државна институција или приватен сектор.

– Ова прашање беше поставено исто така и кога го имавме економско социјалниот дијалог. Таму беше присутна министерката за труд и социјална политика која нагласи дека треба да се пријавуваат непочитувања согласно со законските одредби и согласно со колективните договори – рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање зошто државата не го почитува законот во однос на скалестото зголемување на платите во однос порастот на минималната.

Минималната плата, според него, е историски исчекор направен со ССМ, бидејќи, како што рече, покрај тоа што платата е зголемена на 18 илјади денари, воведена е и нова методологија која што гарантира одржливост и континуиран расат на минималната плата сразмерно со покачувањето на продуктивноста на трудот.

– Со оглед на тоа дека методологијата е променета и сега учество во зголемувањето на минималната плата 50 проценти има порастот на цените, а 50 проценти порастот на просечната плата што имплицира на зголемување на продуктивноста на трудот, а во однос на сите други плати тие се предмет на колективно договарање. Колективното договарање се прави помеѓу социјалните партнери, во случајот гранкови синдикати, репрезентативни синдикат и соодветните институции без разлика дали се тоа државни институции и приватни институции. Ставот е дека и како што и зборувавме при зголемувањето на минималната плата тоа треба да биде пропратено со зголемување на продуктивноста на трудот, а тоа го прифатија и синдикатите – изјави Ковачевски.

Тој додаде дека имал разговори со претставници на голем број компании и оти тие сите се согласни дека платите секогаш треба да бидат пратени со зголемување на продуктивноста на трудот.

-Кога зборуваме за приватниот сектор тоа важи, меѓутоа тоа е мое лично мислење дека треба да важи и за јавниот сектор, што значи дека кога зборуваме за зголемување на платите, зборуваме за социјален дијалог во кој зборуваме за зголемување на платите, но, исто така и за зголемување на продуктивноста на трудот бидејќи јавниот сектор е платен од даночните обврзници, од сите граѓани и тоа особено од оние коишто работат во приватниот сектор и треба и услугите коишто ги добиваат граѓаните да бидат секогаш од ден во ден, од месец во месец на повисоко нивом нагласи Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања на настанот по повод официјалното пуштање во употреба бројот за итни случаи 112.