Усвоен новиот закон за буџети
Собранието го усвои новиот закон за буџети, кој го подготви Министерството за финансии, а кој овозможува поголема транспарентност и отчетност на целокупниот буџетски процес. Со овој закон, сега е овозможено воспоставување нови фискални правила и принципи што ќе се применуваат во постапката за изготвување, донесување и извршување на буџетот на државата.
– Ова законско решение ја продолжува определбата за стратегиско планирање, давајќи среднорочна рамка на јавните финансии, односно среднорочно буџетско планирање. Ова е клучна реформа што се спроведува во јавните финансии и е составен дел од концептот СМАРТ-финансии, а со цел да обезбеди рамка за водење здрава, предвидлива и одржлива фискална политика, како и зголемување на буџетската дисциплина и одговорност – вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
Фискалните правила во новиот закон се дефинирани така што ја прават фискалната политика попредвидлива и поодговорна. Наедно тие се усогласени и конзистентни со оние на ЕУ. Поставени се нови рокови за буџетскиот процес, со што се поместува временската рамка за подготовка на буџетот, предвидени се одредби за управување и располагање со финансиски и нефинансиски средства на државата и општините, со цел подобро користење и располагање на средствата на државата, предвидени се општи одредби за управување со јавен долг и издавање гаранции, со утврдени процедури за задолжување за потребите на централната и локалната власт, како и издавањето гаранции.
Со законот се регулира и воспоставување фискален совет, среднорочно буџетско планирање, управувањето со средствата на државата и општините, како и фискалната одговорност и основите за воспоставување интегриран информациски систем за управување со јавните финансии. Буџетот ќе има подобар приказ, преку поголем број информации, кои ќе бидат прикажани и подобро структурирани.
Фискалниот совет, кој првпат се воспоставува, ќе обезбеди независни и професионални анализи и мислења за макроекономските и фискалните претпоставки, фискалната стратегија, буџетот, извештаите за реализација на буџетот, фискалните ризици и слично. Фискалниот совет ќе биде независно тело, во кое ќе членуваат експерти од областа на јавните финансии, макроекономија или економија. Ќе го формира Собранието, а членовите ќе бидат предложени од МАНУ, Државниот завод за ревизија и Народната банка.
Министерот Бесими појаснува дека Министерството за финансии во соработка со експерти од меѓународни институции, како ММФ, Светската банка, Европската Унија и Владата на Обединетото Кралство со новиот закон за буџети изработи современ концепт за управување со јавните финансии.
Потребата за носење на законот вчера ја образложи и заменик-министерот за финансии Филип Николоски.
– Современиот и модерен начин на управување на јавните финансии претпоставува и високо ниво на дигитализирани процеси, што треба да се имплементираат преку новиот систем на ИФМИС. Преку овој систем ќе се обезбеди подобро спроведување на сите процеси, како и мониторинг и контрола на истите тие – вели Николоски.
Притоа, како што потенцира, новиот закон за буџети ќе овозможи подобрување во управувањето со јавните финансии, зајакнување на среднорочното буџетирање и ќе обезбеди поголема контрола каде и на кој начин се трошат парите на граѓаните.
Утврдените правила и принципи од новото законско решение ќе се применуваат и при изготвување, донесување и извршување и на буџетите на единиците на локалната самоуправа и на Град Скопје. Е.Р.