Фото: Игор Бансколиев

Малите компании гледаат повеќе поволности во зголемувањето на кредитниот потенцијал на Развојната банка, што ќе овозможи зачувување на економските активности, во услови кога домашните фирми се соочуваат со зголемени трошоци на работењето, поради високите цени на енергијата и на суровините, намалената ликвидност и заострените услови за кредитирање од комерцијалните банки

ШТО ЌЕ ДОНЕСЕ ДОКАПИТАЛИЗАЦИЈАТА НА РАЗВОЈНАТА БАНКА

Домашните компании ќе може да очекуваат дополнителна финансиска помош за развој на сопствените активности и проекти што би се финансирале преку Развојната банка, која ќе се докапитализира за 10 милиони евра. Оваа одлука ја донела Владата на една од своите последни седници и ја објавила во „Службен весник“, што значи дека се врши зголемување на почетниот капитал на Развојната банка на Северна Македонија за износ од 620.000.000 денари. Зголемувањето на почетниот капитал се врши од средствата обезбедени од буџетот на земјава за 2022 година, односно од Министерство за финансии, и тоа програмата „П-мерки за справување со ковид-кризата и други антикризни мерки“ и потпрограмата „П1-мерки за справување со ковид-кризата и други антикризни мерки, вложувања и нефинансиски средства“. Зголемувањето на почетниот капитал на Развојната банка ќе се изврши со издавање на 199.485 обични акции.
Со оваа одлука, Владата сака да го зголеми дополнително капацитетот на банката, за која минатата година се изврши докапитализација за три милиони евра. Практично, актуелната влада на овој начин сака да помогне во домашната економија со доделување финансиска помош преку македонската банка за развој.
Малите компании во Македонија гледаат повеќе поволности во зголемувањето на кредитниот потенцијал на Развојната банка, што ќе овозможи зачувување на економските активности, во услови кога домашните фирми се соочуваат со зголемени трошоци на работењето, поради високите цени на енергијата и на суровините, во услови на намалена ликвидност и заострените услови за кредитирање од комерцијалните банки, посочуваат македонските бизнисмени.
– Зголемувањето на капиталот на Развојната банка е добредојдено за малите компании, кои досега можеа да користат поволни кредити или друг вид банкарски услуги, преку гаранции и сл. Дополнителниот износ е добредојден, но секако дека е и недоволен. Потребите на македонските компании за финансиска поддршка од Развојната банка се поголеми.

Таа е непрофитна организација, за разлика од други банкарски институции, кои нудат средства за компаниите по повисоки камати. Комерцијалните банки во овој момент имаат доволно средства да ги кредитираат домашните компании, но условите за одобрување на заемите се заострени. Во овој момент најдобро поминуваат компаниите што остваруваат големи промети, како што се трговците на мало. Додека другите компании од производствениот сектор, за кои се потребни подолги циклуси за заокружување на производствениот процес, на пример од пет-шест месеци, потешко доаѓаат до поволни финансиски услови. Ликвидноста на компаниите е намалена и плаќањата се одвиваат на подолги рокови. Нашите производители се доведени во ситуација да го тужат должникот за неисплатените обврски и со тоа ризикуваат да губат на долги судски постапки, а со тоа ризикуваат да го изгубат некој клиент – ни изјави Ангел Димитров, сопственик на приватна компанија и поранешен претседател на Здружението на работодавци.
Кредитната линија за микро, мали и средни трговски друштва, трговци поединци и занаетчии, во износ од 10 милиони евра, ќе биде намената за енергетската ефикасност, со максимална вредност на проектот од 30.750.000 денари, со рок на отплата до осум години и со вклучен грејс-период до 12 месеци, а заемите за обновливи извори на енергија имаат максимална вредност на проектот од 200.000 денари, со рок на отплата до 12 години и со вклучен грејс-период до 24 месеци. Во двата случаи Развојната банка ќе кредитира до 60 отсто од износот на проектот, додека преостанатите минимум 40 отсто ќе се кредитираат од други извори, како кредит од банката учесник или сопствени средства на инвеститорот, за градежни работи, опрема, обртни средства, готовина и слично. На овие кредити каматна стапка за крајните корисници е 1,6 отсто годишно.
Развојната банка на Македонија, како единствена развојна банка во целосна државна сопственост, и во првата половина од 2022 година оствари позитивни резултати, ставајќи го целиот свој финансиски и оперативен капацитет во функција на остварување на основната цел за која е формирана – поддршка на развојот на македонското стопанство во согласност со стратегиските политики, цели и приоритети на државата. Во услови на закрепнување на домашното стопанство од здравствената и енергетската криза, активностите на Банката оваа година се во знакот на поддршка на деловните субјекти во насока на намалување на последиците од економската и енергетската криза предизвикана од геополитичките случувања, за полесен пристап до ликвидни средства. Во периодот од 1 јануари до 30 јуни 2022 година, Банката оствари позитивен нето-финансиски резултат од 45 милиони денари (732 илјади евра), што е речиси двојно повеќе во однос на остварениот резултат во истиот период од 2021 година. Вкупната актива на Банката е зголемена за 43 отсто и изнесува 16,4 милијарди денари, со соодветен раст на кредитното портфолио од 54 отсто и на изложеноста по основа на факторинг-услугата од 200 отсто.

Во првата половина од годината, Развојната банка ги повлече последните три транши од кредитната линија ЕИБ 6, во износ од 40,8 милиони евра, со тоа што сите 100 милиони евра од оваа кредитна линија се веќе ставени во функција на поддршка на малите и средните компании. Поддршката на оваа банка за компаниите се одвива преку: бескаматна кредитна линија за обртни средства за компании што се погодени од енергетската и економската криза, за бескаматни кредити за зголемени цени на енергентите, преку кредитни линии за подобрување на енергетската ефикасност и за обновливи извори на енергија, субвенционирање на каматите за земени кредити, и за олеснување на условите за кредитирање производство, преработка и промет на земјоделски производи.
Минатата година во јули беше потпишан договор за 100 милиони евра за поволни кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ), со кои се поддржаа најмалку 300 проекти на домашни мали и средни компании. Развојната банка ги пласира средствата до фирмите преку комерцијалните банки.Условите под кои се даваат кредитите до фирмите се исклучително поволни, со рок на отплата до 12 години и вклучен грејс-период од две години, во зависност од тоа дали кредитите ќе бидат наменети за инвестиции или зголемување на потребите за обртни средства и по исклучително поволна повластена каматна стапка, која за првите транши би изнесувала до 1,6 отсто. Оваа кредитна линија е дел од поддршката на Европската Унија и Европската инвестициска банка за адресирање на ефектите од пандемијата на ковид-19 врз економијата.
Соработката на Развојната банка со ЕИБ е стратегиска и успешна, а во последните 13 години, до денес, воспоставени се шест договори, со кои 550 милиони евра се ставени во полза на економскиот развој во земјава, со што се поддржани 2.090 проекти на домашни мали и средни компании и креирани се 8.029 нови работни места.
Од претходните пет заеми од Европската инвестициска банка преку Развојната банка се пласирани средства во вкупен износ од 450 милиони евра, од кои 182 милиони евра кон компании од производствената дејност, 127 милиони евра кон компании со дејноста трговија, 40 милиони евра кон компании од транспортната дејност и компании од други дејности како – услуги, угостителска дејност, здравство, образование. М.Ј.