Фото: Архива

Eкономските експерти укажуваат дека дебатата за намалување на долгот е погрешна. Наместо тоа, фокусот треба да го ставиме на продуктивно искористување на позајмените средства, односно да позајмуваме само за цели што ќе го подигнат продуктивниот капацитет на економијата и таа ќе може во иднина со поголема леснотија да ги отплаќа долговите. Потребно е да се види какви видови инвестиции ни се потребни, колку чинат, нивната приоритизација и слично – што е поврзано со реобмислување на стратегијата за јавни инвестиции

Повод: За 10 години двојно зголемен јавниот долг на Македонија

Веќе со години јавниот долг во Македонија е во континуиран раст, а она што загрижува е фактот дека и во наредниот период тој ќе се зголемува. Економијата во нашата држава ќе се соочува со тешкотии што ќе вршат притисок врз макроекономската стабилност поради неквалитетното трошење на јавните финансии, што создава високо ниво јавен долг, проследено со раст на инфлацијата. Последните податоци објавени од Министерството за финансии за јавниот долг на земјава покажуваат дека заклучно со јуни тој достигнал 57,9 отсто од бруто-домашниот производ. Во релативни бројки јавниот долг е под 60 отсто од вредноста на бруто-домашниот производ, со што Македонија е во границите на мастришките критериуми, но во апсолутни суми тој расте од квартал во квартал.

Дебатата за намалување на долгот е погрешна, фокусот треба да го ставиме на продуктивно искористување на позајмените средства

Јавниот долг на земјава веќе ја надмина психолошката граница од осум милијарди евра, достигнувајќи на крајот на јуни 2023 година 8,34 милијарди евра. Според податоците од Министерство за финансии, јавниот долг е зголемен за повеќе од дупло за 10 години. Во 2013 година тој изнесувал 3,281 милијарди евра, што зафаќало 40,3 отсто од БДП.
Некои од економските експерти со кои контактиравме посочија дека дебатата за намалување на долгот е погрешна. Наместо тоа, фокусот треба да го ставиме на продуктивно искористување на позајмените средства, односно да позајмуваме само за цели што ќе го подигнат продуктивниот капацитет на економијата и таа ќе може во иднина со поголема леснотија да ги отплаќа долговите. Потребно е да се види какви видови инвестиции ни се потребни, колку чинат, нивната приоритизација и слично – што е поврзано со реобмислување на стратегијата за јавни инвестиции.
Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, висината на јавниот долг е многу важно прашање за идните економски движења и за економскиот раст.
– Позајмувањата во кој било вид сериозно се одразуваат и негативно влијаат на идните неопходни расходи на државата. Во однос на влијанието врз економскиот раст, јасно е дека ако наместо за отплаќање стари кредити, овие средства сме ги искористиле за инвестирање во разни инфраструктурни објекти или субвенции за потикнување на инвестициите и развојот, тогаш економскиот раст би бил многу поголем. Клучното прашање овде е за што сме ги потрошиле овие заеми – потенцира Димитров.
Како што вели тој, ако овие пари отишле за разни социјални трансфери, тогаш од нив не можеме да очекуваме никаква идна економска корист освен зачувување на социјалниот мир.
– Доколку, пак, сме ги инвестирале во разни инфраструктурни објекти, прашањето е во какви објекти сме вложиле и по кои цени. Различна е стапката на поврат за вложување во енергетска инфраструктура, за изградба на хидроцентрали или брани за наводнување, а сосема различна ако сме граделе автопатишта – посочува Димитров.
Тој укажува дека автопатиштата позитивно влијаат на економскиот раст само во периодот на градење, а потоа повратот е многу мал и зависи од динамиката на нивното користење.
– Разните субвенции во земјоделството или поттикнувањето на инвестициите може многу позитивно да влијаат на економскиот раст ако се добро насочени и имплементирани. Очигледно ние како држава многу малку правиме вакви анализи и отвораме дебати за овие прашања и, за жал, решенијата за тоа во што ќе инвестираме ги донесуваме со политички одлуки, а не преку економски чинители – смета Димитров.
И како што вели тој, суштината на проблемот не е дали јавниот долг изнесува 55, 58 или 62 отсто во однос на бруто-домашниот производ, туку колку исплатата и за каматите ќе влијае негативно на потребните буџетски расходи и на стапката на економски раст.
– Во буџетот за 2023 година се планирани каматни плаќања во износ од над 210 милиони евра. Овие средства се еднакви на вкупните социјални надоместоци што ќе се исплатат во 2023 година или 50 отсто од вкупните трансфери до единиците за локална самоуправа т.е општините. Поинаку кажано, да не постоеле каматите, ќе сме биле во можност да ги зголемиме социјалните надоместоци за 100 отсто или, пак, трансферите до ЕЛС за 50 отсто – објаснува Димитров.
Тој вели дека висината на јавниот долг во однос на БДП само нѐ опоменува дека мора да бидеме претпазливи за што се задолжуваме, затоа што може да дојдеме во ситуација идните каматни плаќања да ни бидат голем товар околу вратот.

Фокус на приоритетни и капитални проекти

Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа и академик Абдулменаф Беџети укажува дека проблемот не е само во висината на долгот туку во тоа за што се искористени парите од задолжувањата, бидејќи со непродуктивни трошења Македонија од поодамна е во опасна зона на задолженост, така што ќе мора да се фокусираме на приоритетни и капитални проекти.
Според поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев, клучното прашање во оваа ситуација е како се трошат средства добиени од задолжување на државата и колкав дел од приливите на државата се предвидува да се одвои за враќање на долговите. Според Гошев, се очекува долговите да се враќаат со нови заеми, но тој додава дека поважно е дали економијата расте, а со неа и приливите во државната каса, кои понатаму ќе се користат за сервисирање на достасаните обврски.
– Границата од 60 отсто е можеби оптимална за земји што се дел од Европската Унија, но за Македонија тоа е висока граница. Досега сите укажувања беа дека нашиот јавен долг најоптимално треба да го држиме во граница од 45 до 50 отстои од БДП. Разбирливо беше што државата мораше да се задолжи поради кризата што се наметна со пандемијата, но клучното прашање е како се трошеа тие средства. Прв проблем беше што јавниот долг за време на претходната гарнитура ни порасна на 50 отсто, за инвестиции што не ја подобрија економијата. Сепак, клучното прашање е колкав дел од приливите на државата се одвојува за враќање на долговите – вели поранешниот гувернер.