Државата прави напори за обезбедување на енергенси за непречено производство на електрична и топлинска енергија за потребите на граѓаните во престојната зима, како и за обезбедување на двојно поевтина струја за стопанството кое е на отворениот пазар од онаа што е на берзите. Одговорните им порачуваат на граѓаните да не се грижат и дека во текот на претстојниот зимски период ќе има доволно топлинска и електрична енергија.
Токму во насока на обезбедување на доволна количина на енергија, министерот за економија Крешник Бектеши и генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски денеска се на состанок со една од компаниите за набавка на природен гас што ја посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. На состанокот, којшто ќе се одржи надвор од земјава, ќе присуствува и Виктор Андонов, советник за енергетика на премиерот.
– На состанокот ќе разговараме за детали, имајќи предвид дека ако има таков договор и ако деталите, условите, понудата генерално е прифатлива за ЕСМ, тоа треба да го направи ЕСМ со трговец со природен гас. За да се подготви состанокот, од наша страна се пратени и количините и потребите на Северна Македонија, вклучувајќи ги и потребите на ТЕ – ТО која произведува електрична енергија, а воедно како нуспроизвод произведува и топлинска енергија и тоа околу 60 отсто од топлинската енергија за потребите на град Скопје. Кога работи во базен режим ТЕ-ТО ги намалува трошоците на другите топлани, „Исток“ и „Запад“ – информира вчера министерот Бектеши.
Најави дека до крајот на неделава треба да се одржи состанок и со другата компанија посочена од опозицијата за набавка на мазут и апелираше граѓаните да не се грижат зашто, како што рече, ќе има доволно топлинска и електрична енергија.
Во исто време, група пратеници од владејачките партии до Собранието предложи Предлог-закон за дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви, по скратена постапка, со кој се врши доуредување на одредбите од Законот за задолжителни нафтени резерви во насока кон олеснување на справувањето со актуелната енергетска криза.
Се предлага дополнително решение кое треба да овозможи нафтените деривати од задолжителните резерви да се стават во функција, односно да се издадат краткорочни позајмици и/или да се отстапат без надоместок одделни нафтени деривати од задолжителните резерви на одредени корисници, односно на јавни претпријатија и други правни лица и институции основани од државата што вршат соодветна енергетска дејност, за извршување на нивните активности утврдени со закон. Тоа, како што велат предлагачите, ќе придонесе кон полесно справување со актуелната енергетска кризна состојба, а ќе се применува до денот на пристапувањето на земјава во Европската Унија.
– Целта на предложеното дополнување на Законот е да се предложи дополнително применливо и ефективно решение кое ќе овозможи издавање на краткорочни позајмици и/или отстапување без надоместок на нафтени деривати од задолжителните резерви, на одредени корисници, односно на јавни претпријатија и други правни лица и институции основани од државата што вршат соодветна енергетска дејност, за извршување на нивните активности утврдени со закон, со што задолжителните нафтени резерви ќе може да се користат и во услови на прогласена енергетска кризна состојба. На овој начин, задолжителните нафтени резерви се ставаат во функција на наведените корисници во услови на постоење на енергетска кризна состојба со цел полесно справување со актуелната енергетска кризна ситуација која од отпочнувањето на воениот конфликт во Украина во континуитет се повеќе се продлабочува и тоа не само кај нас, туку и секаде во светот – велат предлагачите.
Задолжителните резерви на нафтени деривати, додаваат, може да се користат при прогласена кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата кога постои итна потреба од нафтени деривати од страна на јавни претпријатија и други правни лица и институции основани од државата што вршат соодветна енергетска дејност, за извршување на нивните активности утврдени со закон.
– Користењето на задолжителните резерви, може да се врши и со отстапување без надоместок на одделни видови на нафтени деривати од задолжителните резерви на јавни претпријатија и други правни лица и институции основани од државата што вршат соодветна енергетска дејност, за извршување на нивните активности утврдени со закон. Отстапените нафтени деривати може да бидат во количини кои, во текот на календарската година, нема да надминуваат 50 отсто од вкупно складираните количини на задолжителни резерви за секој нафтен дериват одделно – прецизираат предлагачите.
За корисниците, трошоците за испорака, видот, количините и намената на нафтените деривати кои се позајмуваат и/или се отстапуваат без надоместок, како и за рокот за враќање на позајмените количини, како што посочуваат ќе одлучува Владата.
Сепак, не се знае кога Собранието ќе расправа за овој Предлог-закон, а првата наредна закажана седница е на 17 октомври.