Фото: Игор Бансколиев

Доколку трае на долг рок мерката за замрзнување на цените на производите, може да предизвика други контраефекти, предупредуваат од стопанските комори и бизнис-заедницата

ПРОДОЛЖУВАЊЕТО НА МЕРКАТА ЗА ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ КАКО ПОВОД

Продолжувањето на мерката за замрзнувањето на цените на дел од производите до 28 февруари ја разбранува јавноста, и населението и бизнис-секторот. Колку е добро да има продолжување секој месец на оваа мерка, дали оваа мерка ако се применува на долг рок, може да има негативни ефекти, какви други механизми се потребни за справување со инфлацијата? Дали тоа што сме увозно зависна земја, со замрзнувањето на цените може да нѐ доведе до ситуација да имаме дефицит од некои производи на пазарот? По најавите за продолжување на мерката за замрзнување на цените, бизнисмените предупредија дека тоа може да доведе до недостиг од производи и до празни рафтови во продавниците. Голем дел производи чии цени се замрзнати или суровините за нивно производство се увезуваат. Трговците велат дека поради тоа не им се исплаќа да купуваат поскапо, а да продаваат поевтино, па затоа се одлучуваат да не увезуваат. Тие ѝ предлагаат на Владата да ја промени мерката и, наместо цените, да се замрзнат маржите.
– Убедени сме дека ние како комора бевме првите што ја предложија оваа мерка. Но тоа што ние го велевме е сосема различно од ова што се случува. Доколку замрзнувањето на цените се применува еден подолг период, може да доведе до контраефект на тоа што се цели со таа мерка. Ова го велиме бидејќи информациите што ги имаме нашите членки што ги увезуваат тие добра чии цени се замрзнати велат дека нарачуваат помалку, а некои дури и ги откажале нарачките за истите тие – објаснуваат надлежните од Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Оттаму додаваат дека доколку оваа мерка трае уште повеќе, рафтовите ќе бидат празни, односно ќе дојдеме до ситуација каде што понудата ќе биде оштетена, а токму зголемената понуда е тоа што ја контролира и намалува инфлацијата.

– Треба да се има предвид дека добрата што се увезуваат доаѓаат од земји каде што и тие се подложени на инфлација поради кризата со енергентите, и токму поради тој факт, тие производи треба да се субвенционираат од страна на државата, доколку таа продолжува да ги држи замрзнати цените на истите тие – истакнуваат од Комората.
Според нив, засега, само субвенционирањето на цените за тие производи е најлогичниот пристап кон оваа проблематика и не смее да се оди со други мерки, како што е дестимулација на потрошувачката или, пак, зголемување на каматните стапки, бидејќи сме во период на закрепнување и заживување на економијата.
– Ние како алтернатива на сето ова предлагаме и замрзнување на маржата на добивката, а не на основната цена на производот – посочуваат од СКСЗМ.
Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија смета дека замрзнувањето на цените на основните прехранбени производи треба да е привремена мерка, со која се заштитува стандардот на најранливите категории на граѓани, но оваа мерка не може на долг рок да донесе стабилизација на цените.

– На долг рок ваквата мерка може да доведе до недостиг од овие производи на рафтовите, одредено зголемување на сивата економија и други несакани последици. Компаниите што ги произведуваат овие производи на краток рок се подготвени да претрпат одредени загуби за да ја задржат својата позиција на пазарот, но на долг рок ќе го пренаменат производството и со разни шпекулации ќе се обидат да ги намалат загубите – појаснува Димитров.
И Антони Пешев од Стопанската комора на Северна Македонија неодамна за јавноста истакна дека алармот за новонастанатата ситуација со цените е вклучен, но треба да се направи стратегија за да не биде предоцна.
– Сметам дека замрзнувањето на цените на прехранбените производи може да доведе до раст на сивата економија. Посегнувањето по лимитирање на цените упатува на црн пазар, шверц или проблематични позиции – вели Пешев.