Фото: Архива

Заклучно со 30 септември 2021 година, банкарскиот систем на Република Македонија го сочинуваат 13 банки, поделени во три групи (големи, средни и мали) според критериумот големина на активата, анализира финансискиот магазин „Пари“. Бројот на банки во споредба со крајот на 2020 година е намален за еден, така што заклучно со 30 септември 2021 година има пет големи банки, пет средни банки и три мали банки, како и две штедилници, чија состојба е непроменета во однос на 31 декември 2020. Групата големи банки ја сочинуваат Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје, НЛБ банка, Халк банка и Шпаркасе банка. Од „Пари“ велат дека во споредба со крајот на 2020 година, бројот на големите банки е идентичен, но има промена во составот поради спојувањето на Охридска банка кон Шпаркасе банка, која во извештајниот период ја зазеде позицијата на Охридска банка меѓу големите банки. Во третиот квартал од 2021 година банкарскиот сектор останал стабилен и е забележан забрзан раст на активностите. На страната на изворите на средства, депозитите бележат континуиран раст, што беше поддржано и од исплатените средства од страна на државата, заради подобрување на ликвидноста на компаниите во услови на здравствена криза. Кредитната активност на банките исто така забележа забрзан раст, кој во поголем дел беше резултат на зголеменото кредитирање на домаќинствата, при солиден позитивен придонес и на кредитите на претпријатијата. Според последните официјални објавени податоци од НБРСМ во согласност со последната корекција на критериумот големина на активата извршена на 31 декември 2020 година од страна на НБРСМ, долната граница на активата е зголемена од 9,45 милијарди денари на 10,2 милијарди денари, а горната граница на активата е зголемена од 37,95 милијарди денари на 40,85 милијарди денари. Во анализата се вели дека на 16 јули 2021 официјално е завршена постапката на присоединување на Охридска банка АД Скопје кон Шпаркасе банка Македонија АД Скопје, со извршен упис на промена-присоединување во Централниот регистар на РСМ, со што бројот на активни банки се намалува за еден.

Големината на активата на Шпаркасе банка по присоединувањето со Охридска банка АД Скопје ја надминува последната корекција на критериумот големина на актива поставена од страна на НБРСМ, со што оваа банка преминува во групата големи банки. Народната банка ја задржа олабавената монетарна политика, одржувајќи ја основната каматна стапка на историски најниското ниво од 1,25 процент. Според анализата на „Пари“, на 3 август 2021 година, Советот на Народната банка во август ја укина Одлуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда (која беше донесена во февруари 2021 година). Солвентноста на банкарскиот систем бележи подобрување. На 30.9.2021 година, стапката на адекватност на капиталот изнесуваше 17,3 проценти и е повисока во споредба со крајот на 2020 година, што главно произлегува од порастот на сопствените средства, како резултат на реинвестираните добивки и спроведените докапитализации кај две банки. Показателите за ликвидноста се задржаа на задоволително ниво. Од почетокот на 2021 година, во примена е новата одлука за методологијата за управување со ликвидносниот ризик на банките, со која се воведе обврска за банките за одржување определено минимално ниво на т.н. стапка на покриеност со ликвидност.

Оваа регулатива претставува значаен чекор нанапред кон усогласување на домашната регулатива со меѓународниот стандард Базел 3 во однос на минималните ликвидносни барања. Поконкретно, со овој базелски ликвидносен стандард се мери отпорноста на ликвидноста на банките, односно способноста на банките за намирување на обврските што достасуваат во следните 30 дена, во услови на претпоставен стрес. Показателите за профитабилноста на банкарскиот систем забележаа подобрување во првите девет месеци од 2021 година, што е резултат на остварената повисока добивка, во споредба со истиот период од претходната година. Засилената наплата на отпишаните и на нефункционалните побарувања од страна на поголемите банки имаше значително поволно влијание врз профитабилноста на банкарскиот систем. Така, повисокиот финансиски резултат најмногу произлегува од зголемените некаматни приходи, и тоа, пред сѐ, од повисоките приходи од наплатени претходно отпишани побарувања, но и од нето-приходите од провизии и надоместоци. Значителен придонес во растот на добивката имаа и намалените трошоци за исправка на вредноста (главно за финансиските средства).