Министерот за економија, Крешник Бектеши, откако пазареше со премиерот Димитар Ковачевски, констатираше дека мерките со кои се намалуваат цените се почитуваат. Бектеши најави дека во април ќе следат нови мерки.
– Мерките ќе ги дефинираме со министерот за финансии и премиерот. Оваа криза нема да биде на грб на граѓаните. Ние ќе се откажеме од давачки, компаниите од профити – кажа министерот.
Тој не ја исклучува можноста за дополнителни намалувања на цените, што треба да се утврдат по нова анализа.
– Предлозите биле точни, направени со сите компании. И денеска уште еднаш се потврдува, дека да, кога се сака, се има простор, за кризата да не биде на грб на граѓаните. Сакам да се заблагодарам на сите инспектори, кои се на терен по цел ден и ноќе, со цел да бидат правични, а да нема штети кај потрошувачите ниту граѓаните. Компаниите не трпат загуби, а придобивка најголема добиваат граѓаните – кажа Бектеши.
Министерот додаде дека е убеден дека ќе има компании што и дополнително ќе ги намалат цените, без разлика на мерките.
– Ако самите ги намалуваат, имаме простор да ја зголемиме конкурентност. До крајот на наредната недела ќе подготвиме информација до премиерот со детална анализа на секој производ и согласно тие анализи ќе се дизајнираат новите мерки кои ќе следат во април. Тие ќе бидат насочени кон стопанството, а секако ќе бидат насочени и кон граѓаните односно за тие што имаат најголема потврда и што немаат доволно приходи за справување со кризата – додаде Бектеши.
Директорот на Пазарна инспекција, Горан Трајковски им порача на трговците дека јавно ќе ги објави нивните називи, доколку не ги почитуваат одлуките на Владата со кои треба да се намалат цените на лебот, млечните производи, тестенините. Тој го повтори ставот дека одлуките на Владата се исправни. Досега, немало нерегуларности низ маркетите.
– Во моментов до сега има намалување на цените, повеќе од 16о инспектори се на терен како што кажав претходно во текот на денот ќе излеземе со подетални информации. Апелирам како директор, бидејќи имаше шест дена период да се прилагодат трговците за почитување на оваа одлука апелирам истиот да го направат бидејќи законот за трговија санкциите се високи од 800 до 10 илјади евра а ние како ДПИ без никаква селекција ќе ги вршиме надзорите максимално до крај и по закон – вели Трајковски.
Тој посочи дека утрово немало непочитување на владините одлуки.
– Од утринава до сега нема нерегуларности, до пред половина час, но како што кажав пред се би сакал да го почекам да го добијам деталниот извештај до крајот на денот во текот на денешниот ден или утре да излеземе со подетални информации и доколку има ние како ДПИ ќе ги објавиме со називите на субјектите каде има бидејќи овие одлуки се во интерес на граѓаните. ДПИ како и до сега така и од сега постапува со полн капацитет и повеќе во текот на денот по увидување на фактичката состојба ќе можеме да дадеме подетални информации – додаде Трајковски.
Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека е уверен оти цените се намалени откако посети скопски маркет. Според него, владата не дозволила дебаланс на понудата и побарувачката. Тој кажа дека со неговото пазарење сака да испрати порака.
– Денес можевме сите да се увериме дека ова намалување се почитува од страна на производителите и трговците. Со мојата денешна посета сакам да испратам порака дека лично сакам да се уверам во тоа дека се почитуваат и применуваат одлуките кои ги носиме и колку за тоа имаат слух производителите, добавувачите и трговците. Никого нема да оставиме сам да се справува со кризата, но и нема да дозволиме личното профитерство да се остварува врз грбот на граѓаните, посебно сега кога последиците од кризата се немилосрдни. Очекувам од компаниите, трговците, производителите, доставувачите да имаат разбирање за општото, а не поединечното добро, да имаат разбирање за основните потреби на граѓаните кои се и нивни консументи – вели Ковачевски.
Според него, мерките на Владата се исправни.
– Иако ваквите одлуки кај некои од производителите и трговците наиде на отпор сепак беше во прилог на граѓаните кои го поздравија овој наш чекор, што се покажа како правилен со оглед на тоа што не се дозволи дебаланс на понудата и побарувачката на домашниот пазар. Како продолжение на нашата одлука за замрзнување на цената на лебот, а по направените анализи, донесовме одлука за намалување за 15 проценети на цената на дел од тестенините на дел од млечните производи меѓи кои и кравјото млеко, урдата, јогуртот, киселото млеко, павлаката, кашкавалот, цената предвидовме да се намали за 10 отсто споредено со цената од 1 март оваа година – додава Ковачевски.