Фото: МИА

Собранието денеска ја констатираше оставката на пратеникот Сурија Рушити од Алијанса на Албанците, кој е именуван за директор на АД МЕПСО. Ремзи Мемеди од Изборната единица 5 од Кичево од Алијансата на Албанците ќе биде новиот пратеник во Собранието. Седницата треба да продолжи во 14 часот, по добивањето на извештајот од Државната изборна комисија за верификација на мандатот на новиот пратеник.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на почетокот на седницата исто така кажа дека од дневниот ред е повлечена и одлуката за испраќање наши војници во мисијата во Либан.

На оваа нова собраниска седница има предложени повеќе точки, а меѓу нив е и Законот за здравствено осигурување со чии што измени ќе се овозможи решавање на проблемот со набавка на лекот „трикафта“ за лицата болни од цистрична фиброза.

Исто така, Собранието треба да расправа за избор на уште една уставна судијка Елизабета Дуковска, а на дневен ред е и законот за амнестија за лицата од настаните на 27 април во Собранието.

Претходно денеска на прес-конференција пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе бара повлекување на Законот за игри на среќа и Законот за лекови и за медицински средства од дневниот ред на седницата.