Фото: Архива

„Да! Тој доаѓа“ гласи новата, како што медиумите коментираат, засега неофицијална кампања на ДУИ, откако слоганот е споделен од членови и симпатизери на партијата. Ваквата порака многумина ја поврзуваат со можноста за избор на прв премиер Албанец во Македонија, што деновиве се најавува од страна на членството на ДУИ. Од партијата засега не откриваат на што се однесува новиот проект, во кој слоганот „Тој доаѓа!“ е поставен на позадина во темно сина боја.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пред неколку дена на партиски собир во Чаир, изјави дека „за неколку месеци Албанец ќе биде премиер“ на Македонија, а подоцна објаснување даде и вицепремиерот Артан Груби.

Во изјава за косовска телевизија, Груби рече дека договорот што бил постигнат меѓу лидерот Али Ахмети и поранешниот премиер Зоран Заев предвидува во последните 100 дена од мандатот на Владата функцијата да ја извршува Албанец. Груби истакна дека нема амбиции да го замени актуелниот премиер Ковачевски, туку дека изборот ќе го направи лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Слична кампања имаше и во пресрет на парламентарните избори во 2020 година, кога ДУИ го лансираше слоганот „Премиер Албанец, зошто да не?“. За локалните избори ДУИ настапи со зелената агенда, како најава дека партијата се менува и дека во фокусот на интегративците е животната средина.

Од „Огнената група“, пак, најавија петиција за разрешување на Груби и министрите во Владата од редовите на ДУИ.