Фото: Илустрација/Игор Бансколиев

Претставниците на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) и Асоцијацијата на спортски обложувачници (АСОМ) денеска уште еднаш испратија апел до пратениците да не го прифатат предлог-законот за измени и дополнувања на законот за игри на среќа и забавни игри, кој со европско знаме е на дневен ред на пленарната седница во Собранието. Во спротивно, како што најавија, ќе организираат масовни протести.

Горан Стоименов, претставник на (АПИС) изјави дека измените кои се предвидуваат во законот се скандалозни и противуставни и им порача на пратениците да не наседнуваат на лажниот популизам што го шират противниците на легалните игри на среќа. Тој напомена дека има должност да ги заштити вработените и инвестициите кои ја придвижуваат македонската економија напред.

– На совест на сите пратеници се оставени судбините на 10 илјади семејства кои доколку се изгласаат овие измени, ќе бидат принудени во најголем број да си ја бараат среќата во западните земји, членки на ЕУ, каде повторно ќе работат во истата дејност при игри на среќа. Тука работат обични луѓе, меѓу кои родители на малолетни деца, кои чесно си ги заработуваат своите плати и не сакаат да бидат избркани од сопствената држава. Иако уште пред цел месец евроамбасадорот Дејвид Гир јавно порача дека европското знаме не смее да се злоупотребува за избегнување на дискусии за важни прашања, некој не се откажува од намерата да протурка скандалозни и противуставни измени на Законот за игри на среќа – рече Стоименов.

Тој додаде дека и покрај јавниот повик, владиниот секретеријат за европски прашања не дал одговори за тоа која ЕУ директива предвидува затворање на легални игри на среќа и која ЕУ директива создава предуслови за игри на среќа на црно, без државна контрола.

– Кога младите се заштитени? Сега кога игрите на среќа се на легален начин или кога ќе се организираат на црно и државата ќе нема никаква контрола? Доколку овие законски измени не се повлечат, и низ една широка општествена јавна дебата со вклучување на сите засегнати страни не се пристапи кон изработка на одржливо законско решение, кое ќе ги следи сите светски стандарди за игри на среќа, ќе бидеме принудени да излеземе на масовни протести – додаде Стоименов.

Васко Илијевски, претседател на (АСОМ) денеска изјави дека Предлог законот, кој Владата го достави до Собранието, е целосно неприфатлив и е неевропски, неуставен и монополски.

– Испраќаме порака дека нема мирно да седиме и да гледаме како државата го носи најдеструктивниот Закон во историјата, кој ќе предизвика затворање на легалната индустрија на игри на среќа и на широки врата ќе се отвори простор за сива економија и за криминалот. Тоа е така бидејќи се неприфатливи законските измени, кои предлагаат дислокација на нашите објекти, забрана за приредување на интернет игрите на среќа, зголемување на давачките и надоместоците, како и измени на Законот кои задираат во веќе постоечки лиценци, кои ќе значат колапс на целата стопанска дејност – рече Илијевски.

Според него, предлог-законот е направен без никакви анализи, истражувања, користења на факти и аргументи, со тенденциозно избегнување на дебатата, преку злоупотреба на европското знаменце.

Прашан дали побарале средба со Владата, Илијевски посочи дека средбата е побарана и со Владата и со надлежното Министерство за финансии кое е предлагач на законот, но како што рече, до сега не добиле повратен одговор.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе бара повлекување на два закони од денешната собраниска седница и тоа законот за игрите на среќа, кој е предложен да се носи со европско знаменце, и предлог-законот за дополнување на Законот за лекови и за медицински средства.

Пратеникот Миле Лефков денеска на прес-конференција истакна дека евроспкото знаменце се злоупотребува за Законот за игрите на среќа, кој нема никакво повикување на регулатива или директива која се транспонира во домашното законодавство. Неговата пратеничка група ќе бара овој закон да се симне од дневен ред на денешната седница, а Собранието дополнително да ја преиспита употребата на ЕУ знамето за овој закон.

Лефков кажа и дека група свиркачи до ВМРО-ДПМНЕ изнеле сериозни аргументи дека „ваквото законско решение го има пишувано еден вицепремиер кој неколкукратно ќе го зголеми своето лично богатсво доколку овој закон биде донесен“. Пратеникот рече дека на мала врата сакаат да се протнат измени што би овозможиле формирање паралелна државна видеолотарија.

– Инсистирањето на ДУИ да се донесе овој закон ќе ни направи потенцијални проблеми со одредени земји-членки на ЕУ – рече Лефков.

Пратеничката Рашела Мизрахи на одвоена прес-конференција истакна дека предлог-законот за дополнување на законот за лекови и за медицински средства содржи само малверзација иако Владата се обидува да го претстави како решение на проблемот за набавка на лекови за ретки болести.

– Со законот Министерството за здравство склучува посебни договори со фармацевстки компнии по претходна согласност од Владата. Најскандалозно во овој закон е што цената по која што ќе биде набавен лекот од производеителот ќе се третира како деловна тајна, што е во директна спротивност со Законот за јавни набавки. Ова значи дека фармацевстката компанија која што го набавила лекот ќе моѓе да го продава многу поскапо отколку што го набавила а притоа лицето кое ќе го купи лекот нема да добие рефундација на средствата – рече Мизрахи.

Во Собранието денеска се одржува 106. сецница на која на дневен ред се предложени повеќе точки.