Њујорк – Јавниот обвинител на Њујорк ги обвини поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговата компанија за измама, тврдејќи дека со лаги го зголемиле имотот за милијарди долари, вклучувајќи терени за голф, хотели и неговите домови во „Трамп тауер“ и Мар-а-Лаго на Флорида. Државната обвинителка Летиција Џејмс ова го нарече „уметност на крадење“. Нејзината тужба, поднесена во државниот суд во Њујорк, е кулминација на тригодишната граѓанска истрага против Трамп и организацијата „Трамп“. Трите најстари деца на Трамп, Доналд Јуниор, Иванка и Ерик Трамп, исто така се обвинети, заедно со двајца долгогодишни директори на компанијата, Ален Вајзелберг и Џефри Мекоун.
Мексико Сити – Земјотрес со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала вчераутро го погоди Мексико, соопшти Националната сеизмолошка служба. Земјотресот е почувствуван и во главниот град, а епицентарот е регистриран во државата Мичоакан, на западот на Мексико. Засега нема извештаи за штети или жртви. Мексико беше погодено од земјотрес со јачина од 7,4 степени по Рихтер на 19 септември, истиот ден кога земјата беше погодена од два големи земјотреса во 1985 и 2017 година. Во тие два земјотреса, со јачина од 8,1 и 7,1 степени, загинаа повеќе од 10.000 луѓе.
Пекинг – Поранешниот кинески министер за правда Фу Женгхуа е осуден на смртна казна со двегодишно одложување, под обвинение за примање мито и помагање на криминалци, вклучувајќи го и неговиот брат, објави кинеската државна телевизија. Казната на Фу е уште една во низата казни за корупција изречени на високи кинески функционери во долготрајната акција што започна откако претседателот Си Џинпинг ја презеде власта кон крајот на 2012 година. Смртните казни со одложување во Кина обично се заменуваат со долги затворски казни доколку жалбената комисија утврди дека осудениот се поправил.
Виена – Поранешниот шеф на германската дипломатија Јошка Фишер смета дека поради климатската криза, пандемијата на коронавирусот и војната во Украина, светот драматично ќе се промени и дека за десет години ќе биде сосема поинаку. Поранешниот германски вицеканцелар при своето излагање во Виена, на „Австрискиот енергетски конгрес 2022“, посочи дека ќе има постојана закана на источната граница. Фишер истакна дека кризите се множат. На прво место, како што вели тој, е климатската криза и додава дека светот е далеку од спроведување ефикасни чекори против овој проблем.