Фото: Маја Јаневска-Илиева

Цената на дизел горивото наместо 85,5 денари, колку што изнесува сега, со одлуките што ги донесе Владата на денешната седница, ќе се намали за 10,5 денари и треба да изнесува 75 денари, додека бензинот наместо 91,5 денари ќе се намали околу 11,5 денари и треба да изнесува 80 денари. Овие одлуки, како што посочуваат од владината Прес-служба, се дел од 26-те мерки што ги донесе Владата за заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите, како и за финансиска поддршка на деловните субјекти.

– Овие намалувања на цените на бензините и другите нафтени деривати произлегуваат од мерката за намалување на стапката на ДДВ од 18 на 10 отсто при промет на енергенсите: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан, како и од мерката за намалување на акцизата врз основа на берзанските цени – велат од Владата.

Со намаленото ДДВ за нафтените деривати, додаваат, практично се намалува цената на енергенсите за граѓаните со што имаме заштита на животниот стандард од една страна, а од друга страна преку мерката се зголемува ликвидноста и солвентноста на компаниите.

– Со намалувањето на акцизите се заштитува куповната моќ на потрошувачите со директно влијание врз малопродажната цена на овие енергенси, и тоа за околу 1,2 денари, односно 2,3 денари, односно 4,7 денари, вклучувајќи го и ефектот од намален износ на ДДВ за износот на намалена акциза. Дополнително, со мерката за ослободување од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување, се ослободуваат увозниците на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување, од плаќање на данок на додадена вредност при увоз на овие добра, со што се овозможува подобрување на ликвидноста и профитабилноста на компаниите – потенцираат од Владата.