Фото: Архива

Обновливите извори на енергија не само што обезбедуваат чиста енергија туку обезбедуваат и поголема независност, но сепак ова е тежок процес и бара многу време, многу инвестиции, многу вложувања и ангажман од сите чинители, како од производителите така и од потрошувачите. За реализација на такви проекти е потребно време, така што евентуалните придобивки за електроенергетскиот систем би се согледале по неколку години

Високите цени на пазарот на електрична енергија вршат сѐ поголем притисок врз граѓаните и врз компаниите, но и недостигот од електрична енергија укажува на ризикот од редовно и сигурно снабдување со овој енергент. Со оглед на тоа се наметнува прашањето дали е потребно насочување кон обновливи извори на енергија, дали со изградбата на капацитети за ваков вид енергија, кризата со цените на енергентите би се ставила под контрола, но би имале и стабилно снабдување со струја.

Поголемо потпирање на соларната и енергијата од биометан

Во прилог на овие размислувања треба да се истакне дека и Европската комисија најави вложувања во износ од 221 милијарда евра, со намера да го зголеми уделот на обновливите извори на енергија од 40 на 45 отсто до 2030 година. Вкупните капацитети на ЕУ за производство на енергија од обновливи извори би се зголемиле на 1.236 гигавати до 2030 година, со поголемо потпирање на соларната и енергијата од биометан, како и забрзана електрификација на погоните што користат фосилни горива.
Енергетичарите се согласни дека со инвестиции во системи со кои домаќинствата или компаниите сами ќе произведуваат струја од сонце ќе им се намалат трошоците на корисниците, но потенцираат дека се потребни сериозен пристап и интерес од сите засегнати страни за да се искористат максимално придобивките од обновливите извори на енергија.
Според професорот на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, Ристо Филкоски, колкаво ќе биде реалното производство на електрична енергија од обновливи извори зависи од неколку фактори. Пред сѐ, зависи од тоа колку ќе изнесува факторот на искористување на капацитетот, кој за вакви постројки не е голем, а потоа зависи и од метеоролошките и други услови.
– За реализација на такви проекти е потребно време, така што евентуалните придобивки за електроенергетскиот систем би се согледале по неколку години. Меѓутоа, тие ги имаат ограничувањата типични за постројките засновани врз обновливи извори на енергија, кои по природата на нештата се непредвидливи, непостојани (променливи) и функционираат испрекинато – истакнува Филкоски.
Според Енергетската стратегија, државата треба да го напушта јагленот во следните две децении, а овде меѓу другото е поради еколошкиот аспект – загадувањето и климатските промени.
За тоа колку се реални овие планови, Филкоски вели дека со некои аспекти на Енергетската стратегија се согласува, а со некои не и за нив вели дека има мошне критично мислење, особено со настапот за зеленото сценарио.
– Тоа зелено сценарио кај нас може да предизвика сериозни последици. Нам ни треба еволутивна транзиција кон зелена енергија, а не брзо затворање на објектите. Сметам дека е потребна градба на нов блок на природен гас со моќност од 300 мегавати, потоа можеби уште еден, но ќе треба да се обезбеди дополнително снабдување со гас, затоа што капацитетот на гасоводот може да биде доведен до некоја горна граница. Потоа, постепено вклучување на обновливи извори на енергија, затоа што преголемо вклучување на неподготвена мрежа и систем носи нестабилност – потенцира Филкоски.

Сепак се движи!

Професорот Драган Миновски, од Електротехничкиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“, вели дека географската поставеност и природните ресурси во нашата земја се огромен потенцијал за производство на чиста енергија од обновливи извори, потенцирајќи дека интензитетот на сончевото зрачење кај нас е многу поголем од оној што е во одредени земји од Западна Европа, но, за жал, неговото користење кај нас е неспоредливо помало.
– Интересот кај домаќинствата и фирмите за поставување фотоволтаични централи и за производство на електрична енергија за сопствени потреби е голем во последно време. Во согласност со информациите од енергетските компании, во моментот постои интерес за поставување фотоволтаични централи за производство на електрична енергија, од неколку гигавати или два-три пати повеќе од она што е моменталниот инсталиран капацитет на сите производни капацитети во државата – споменува Миновски.
Доколку се реализираат овие најави, посочува тој, и доколку се овозможат услови за нивна реализација, како што се зголемени инвестиции во електропреносната и дистрибутивната мрежа, инвестиции во големи системи за складирање и балансирање на производството и потрошувачката на електрична енергија, со сигурност ќе се намалат потребата и зависноста на нашата земја од увоз на енергенти, како што се јагленот, природниот гас, нафтата и нафтените деривати.
– Со правилна стратегија за развој на енергетиката во нашата земја, прифатена од сите чинители во општеството и реализирана од сите политички влади во наредниот период, можеме да станеме енергетски независна држава, чија енергетика ќе се базира на производство на чиста енергија. Но сепак ова е тежок процес и бара многу време, многу инвестиции, многу вложувања и ангажман од сите чинители, како од производителите така и од потрошувачите. Обновливите извори на енергија не само што обезбедуваат чиста енергија туку обезбедуваат и поголема независност. Со нивно поголемо користење се намалува увозот на електрична енергија, природен гас, нафта и нафтени деривати, со што нашата земја станува сѐ понезависна од увоз на енергенти, нашата економија зајакнува, а нашите производи стануваат поконкурентни – појаснува Миновски.