Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Индустријата во последните години покажува постојано зголемување на производството, најмногу поради зголемената побарувачка за македонските преработки од страна на странските купувачи, како и порастот на домашниот пазар, што е резултат на силната пенетрација на малопродажните синџири и промените во животните навики на населението

Производството на преработки од зеленчук и овошје – пример за извозно успешна индустриска гранка

Катерина Михајлова

Индустријата за производство на преработки од зеленчук и овошје, една од успешните извозно ориентирани македонски индустрии, продолжува со трендот на зголемување на производството, извозот и продажбите. И тоа треба да се поттикне, конкретно да се поддржи и охрабри.

Државен завод за статистика: Раст од 10,4 отсто или за осум
милиони евра повеќе во споредба со 2022 година

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2023 година од Македонија биле извезени преработки од зеленчук и овошје во вредност од 87,5 милиони евра, што е раст 10,4 отсто или за осум милиони евра повеќе во споредба со 2022 година. Податоците покажуваат дека биле извезени околу 43 илјади тони на преработки од овошје и зеленчук, кои се намалени за 7,3 отсто во споредба со извезените количества во 2022 година. Македонската индустрија за преработки од овошје и зеленчук бележи континуиран раст на извозот во последните десет години. Извозот на преработки од зеленчук лани бил повеќе од двојно поголем во споредба со извозот од 2014 година, кога биле извезени преработки од 42 милиони евра.
Според податоците, дури две третини или 51,6 отсто милиони евра од вкупниот извоз на преработки од овошје и зеленчук од земјава минатата година отпаѓа на продажба на македонскиот ајвар на странските пазари.
Најмногу се извезува во Србија, каде што извозот изнесувал 17,6 милиони евра. Втор најголем извозен пазар е Хрватска, каде што лани биле извезени производи во вредност од 12,5 милиони евра. Потоа следуваат Германија со извоз од 6,9 милиони евра, па Косово со 6,1 милиони евра и Босна и Херцеговина со извоз од 5,4 милиони евра.
– Домашните преработувачи имаат капацитет и за зголемено производство, а со самото тоа и за поголем извоз. Покрај постојните договори за извоз со земјите од ЕУ, но и со САД, Канада и со Австралија, тие се постојано присутни на сите поголеми светски саеми за храна, обидувајќи се да најдат нови пазари, а со тоа и да го зголемат извозот – велат претставниците на Стопанската комора на Македонија.
Оттаму истакнуваат дека земјава има поволни предиспозиции во производството на продукти од овошје и зеленчук, како во квантитет така и во квалитет.

Високо реноме на нашите преработки од зеленчук и овошје

Според Виктор Петков, сопственик на една од компаниите чија главна дејност е преработка на овошје и зеленчук, индустријата во последните години покажува постојано зголемување на производството, најмногу поради зголемената побарувачка за македонските преработки од страна на странските купувачи, како и порастот на домашниот пазар, што е резултат на силната пенетрација на малопродажните синџири и промените во животните навики на населението (купување преработени производи наместо домашно приготвување).
– Како резултат на високото реноме што нашите производители го имаат кај странските увозници, постои позитивен тренд на зголемување на количествата за извоз. Интересно е дека домашната продажба исто така се зголемува. Преработувачката индустрија на овошје и зеленчук е високоориентирана кон извоз, извезувајќи околу 80 отсто од вкупното производство. Пазарите на ЕУ и на соседите се главните дестинации на извоз за домашно произведените и преработени производи. Прекуокеанските пазари (особено Австралија) се исто така важна дестинација на извоз поради големите заедници на имигранти од Македонија, но исто така и од другите балкански држави – потенцира Петков.
Од производите најмногу се извезувале ајвар, лутеница, конзервирани домати, краставици, корнишони, конзервирани пиперки, печени пиперки, мешан зеленчук, разни додатоци и зачини за јадења, природни сокови од овошје, пастеризирани вишни и вишни во алкохол итн.
– Конзервната индустрија е речиси целосно зависна од домашното производство и понуда на земјоделски производи и во целост се потпира на аранжманите со индивидуални земјоделци, претпријатија и задруги. Цените значително варираат во зависност од побарувачката за свежи земјоделски производи во регионот и поголемото или помало производство во земјата. А тоа е една пречка што ја оневозможува индустријата да го достигне својот полн потенцијал и да се впушти во поголеми извозни договори. Во просек, само 40-50 отсто од потребните суровини за индустријата се однапред договорени и се испорачуваат од производителите (трговците) – посочува Петков.
Производителите велат дека недостигот од капацитети за ладење и складирање кај преработувачите е уште една пречка што оневозможува подобро организирање, планирање и извршување на производствените планови и дека во последните неколку години индустријата откупува во просек на годишно ниво околу 70 илјади тони суровина.


Нови трендови на пазарот на обработено овошје и зеленчук во ЕУ

Индустријата за преработено овошје и зеленчук во Европа брзо се развива поради промената на преференциите на клиентите, техничките подобрувања и зголемениот акцент на одржливоста. Во 2022 година приходите генерирани од преработеното овошје и зеленчук во ЕУ беа во вредност од 2,51 трилиони евра, што ги покажува динамиката и важноста на секторот за економијата на ЕУ. Потрошувачите сѐ повеќе бараат органска храна без синтетички пестициди и ѓубрива и бараат опции како што се готови за јадење и лесни за приготвување. Производителите развиваат иновативни технологии за пакување и обработка, како што се порции со големина на грицки и пакувања што можат повторно да се затворат, за да се приспособат на оваа побарувачка. Од друга страна, одржливоста останува прашање што ќе биде актуелно во наредните години.