Фото: Принтскрин

Најбогатите луѓе во светот во 2020 и во 2021 година станаа уште побогати, но таквиот тренд на трупање на пари беше прекинат во изминатите 12 месеци, кога бројни милијардери претрпеа загуби што се должат на нестабилните берзи, војната во Украина и галопирачката инфлација.

Светските милијардери колективно загубија 1,9 трилиони долари во 2022 година според проценките на финансискиот магазин „Форбс“, со што нивното вкупно богатство падна од 13,8 на 11,9 милијарди долари во изминатава година, заклучно со 9 декември. Намален е и вкупниот број на милијардери, од 2671 на 2.523. А забележан е и пад во рангирањето на основачот на компанијата за размена на криптовалути „Еф-ти-екс“, Сем Банкмен-Фрид, музичарот Канје Вест и творецот на компанијата за електрични возила „Ривијан“, Ар Џеј Скаринџ.

Никој не беше потешко погоден од околу 300-те милијардери од технолошките компании, кои заедно останаа без повеќе од трилион долари. Акциите на „Амазон“ паднаа за речиси 50 отсто, на „Мајкрософт“ за 27 отсто, а на платформите „Мета“ на Фејсбук за 66 отсто, со што Марк Закерберг годинава е „посиромашен“ за 78 милијарди долари.

Убедливо најголемиот губитник во 2022 година е новиот сопственик на „Твитер“, Илон Маск, кој на крајот на минатата година, стана првиот човек во историјата кој изгубил 200 милијарди долари од своето богатство. Неговиот капитал во ноември 2021 година беше проценет на 340 милијарди долари, а сега е 137 милијарди, според проценките на „Блумберг“. Тој ја почна 2022 година како најбогат човек на светот, но неодамна ја загуби првата позиција.

– Можеби не сте имале најдобра година, но земете в предвид дека барем не сте го преплатиле купувањето на непрофитабилна социјална мрежа, по што јавно сте се обиделе да се „извлечете“ од зделката, со што сте ликвидирале милијарди долари од вредноста на акциите, а потоа сепак, сте ја преземале компанијата што всушност не сте ја сакале – на овој начин американскиот магазин „Атлантик“ го опишува преземањето на „Твитер“ од страна на Маск во зделката вредна 44 милијарди долари.

Се додава дека купувањето на „Твитер“ никогаш немало финансиска смисла, бидејќи станува збор за компанија што годишно губи 220 милиони долари и чиј производ не се менува, а не се зголемува ниту бројот на корисници.

Во анализата на „Атлантик“ остро се критикува и начинот на управување со „Твитер“ од страна на Маск, при што се тврди оти тој ја оптоварил компанијата со долг од околу 13 милијарди долари при купувањето. Згора, се посочува дека Маск се служи со акциите на неговата компанија за електрични автомобили „Тесла“ за да ги покрие загубите од „Твитер“, но дека токму таквото однесување доведе до пад на вредноста на тие акции од 42 отсто во изминатите шест месеци. „Атлантик“ затоа се прашува „зошто Илон Маск гори милијарди долари“.

Останува да се види како 2023 ќе се одрази врз бизнисите и финансиите на најбогатите луѓе во светот и како Маск ќе продолжи да раководи со „Твитер“.