Фото: МИА

Горан Козаров е назначен за директор на ДООЕЛ Тoплификација-Битола, објави денеска на прес-конференција генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски.

ДООЕЛ Топлификација е најновиот правен субјект во рамките на компанијата и во негова надлежност ќе биде изградбата и одржувањето на топловодот, како и дистрибуцијата на топлинска енергија од РЕК Битола до градот Битола и околните населени места.

– Топлификација Битола е исклучително значаен проект за Битола кој населението нетрпеливо го очекува. Задоволни сме од динамиката со која се реализира проектот и очекувам со назначувањето на Горан Козаров за директор таа дополнително да се зголеми. Придобивките од топловодот за жителите на Битола, Новаци и Могила ќе бидат големи и од економски и од еколошки аспект и очекувам во реализацијата на проектот сериозно да се вклучат и општините, за доброто на граѓаните – истакна Ковачевски.

Горан Козаров е магистер по индустриски менаџмент и поранешен директор на ЈП „Водовод“ – Битола.

– Новата функција како директор на ДООЕЛ Топлификација Битола ја доживувам како уште еден голем предизвик. Битолчани 40 години слушаа за можноста да ги загреваат домовите со топлата пареа од РЕК Битола. Моја и на мојот тим во иднина ќе биде честа и задоволството тој сон да се оствари – посочи Козаров.

Проектот Топлификацијата на Битола, Новаци и Могила, АД ЕСМ го реализира со кредит од германската KfW банка во вредност од околу 40 милиони евра, а дополнително компанијата инвестира 7 милиони евра сопствени средства. Топловодот го гради конзорциумот RBA Termo JV, составен од три реномирани фирми: АД Гранит, Рапид билд и бугарската фирма Атом енерго ремонт. Досега изградени се 15-тина километри од трасата со што топловодот стигна на влезот на Битола.