Новата методологија изработена од двајца универзитетски професори и поранешни министри за финансии, Никола Поповски и Драган Тевдовски, според најавите на Сојузот на синдикати на Македонија, ќе претставува основa по којa синдикатите годинава ќе се залагаат за подигнување на економско-социјалната состојба на граѓаните во државава
Нова методологија за пресметка на
синдикалната потрошувачка кошничка
Практикувајќи нови посовремени методи на пресметка на месечните трошоци на едно семејство, двајца универзитетски професори и поранешни министри за финансии, Никола Поповски и Драган Тевдовски, изработија нова методологија за пресметување на трошоците што се потребни за основните животни продукти за еден месец. Според најавите на Сојузот на синдикати на Македонија, новата методологија ќе претставува основa по којa синдикатите годинава ќе се залагаат за подигнување на економско-социјалната состојба на граѓаните во државава.
Разликата на потребни средства за една година според старата и новата методологија изнесува 13.359 денари
Според новата методологија, во декември на едно семејство со двајца родители и две деца ученици му биле потребни 56.522 денари за намирување на основните месечни потреби, покажаа последните пресметки на Сојузот на синдикати на Македонија. Потешко им е на семејствата што плаќаат кирија, бидејќи нивната синдикална кошница е поскапа за 21.324 денари поради трошоците за станарина, вода, струја и греење.
Доколку се спореди со минималните трошоци во декември 2022 година пресметани според старата методологија, разликата е 13.359 денари. Анализирајќи ги последните три години, односно од 2020 година, може да се забележи дека има континуиран раст на трошоците. Така, ако во декември 2020 година, на едно семејство му биле потребни 33.696 денари, во декември 2021 година за истата намена биле потребни 35.042 денари, а во 2022 година 43.163 денари.
Континуиран раст на трошоците за потрошувачката кошничка
Континуиран раст на трошоците се бележи и од почетокот на минатата година. Така, ако се спореди јануари како прв месец во годината и декември како последен месец во годината, минималните трошоци на едно четиричлено семејство се зголемени за 13.141 денар.
Минималната плата, според последното усогласување, изнесува 20.175 денари, а годинава, според најавите на надлежните, се очекува да се зголеми и во март, кога се прави усогласувањето, да изнесува околу 22.500 денари. Но и со овој износ, две минимални плати ќе бидат малку за да се покрие синдикалната кошничка за декември. Е.Р.