Фото: Игор Бансколиев

Според државните органи, даночната реформа е во насока на обезбедување поголема праведност во оданочувањето, со проширување на даночната основа преку ревидирање на даночните ослободувања и повластените стапки и борба против сивата економија. Од друга страна, бизнис-секторот е револтиран за донесениот Закон за данок на солидарност со образложение дека двојно се оданочуваат компаниите што најмногу ја полнат државната каса и најави оспорување на законското решение пред Уставниот суд

Голем интерес во јавноста за новите закони од областа на економијата предизвика спротивставеноста помеѓу
предлагачот и бизнис-секторот

Владата крои нови даночни реформи, како што вели таа, за поголем економски раст, а со тоа и поголем животен стандард на граѓаните. Но оваа најава отвори многу јавни дискусии помеѓу бизнис-заедницата и граѓаните.

Дискурсот на предлагачот на даночните реформи

Владата во вторникот ги усвои измените на Законот за данок на добивка и Законот за данок на додадена вредност, како и на Законот за данокот за солидарност, кој е насочен кон справување со последиците од енергетската и ценовната криза и средствата од него ќе бидат искористени за антикризни мерки.
– Даночната реформа е дел од сеопфатната реформа во јавните финансии кон која пристапивме уште пред повеќе од две години, а во текот на минатата година имавме интензивен инклузивен процес со сите засегнати страни, за да ги дефинираме предлозите, кои ќе придонесат за поголема праведност и правичност во оданочувањето – истакна министерот за финансии Фатмир Бесими, додавајќи дека поддршка за реформата има од ЕУ и од меѓународните финансиски институции.
Како што вели тој, даночната реформа е во насока на обезбедување поголема праведност во оданочувањето, со проширување на даночната основа преку ревидирање на даночните ослободувања и повластените стапки и борба против сивата економија.
– Поконкретно со предлог-законот за данокот на додадена вредност се врши усогласување со Директивата на ЕУ по однос на местото на промет на услуги, воведување на концептот на даночен застапник и уредување на даночниот третман на прометот преку вредносни ваучери. Наедно, се предлага продолжена примена на повластената стапка од 5 отсто за првиот промет на станбени згради и станови што се користат за станбени цели во рок од пет години од изградбата, ревидирање на примената на повластената стапка на ДДВ, односно се намалува стапката од 18 отсто на 5 отсто за прометот на менструални производи и ќе почне примена на повластена стапка од 10 отсто кај дел од прехранбените производи што не претставуваа основен дел од исхраната. Се воведуваат и одредени новини што ќе придонесат за поедноставување на постапката за наплата на ДДВ – вели Бесими.
Тој додава дека Законот за данокот на добивка ќе придонесе и кон намалување на административниот товар на компаниите преку симплифицирање на одредени процедури од системот на данокот на добивка.
– Во Собранието, покрај овие две законски решенија, беше усвоен и предлог-законот за данокот на солидарност, кој не е дел од даночната реформа, туку станува збор за еднократно решение, кое се воведува во вонредни услови, во услови на криза. Главната карактеристика на овој данок е што со него се обезбедуваат средства за справување со кризата. Односно, средствата што по оваа основа ќе се слеат во буџетот ќе бидат планирани во посебната програма за справување со кризата и ќе бидат наменети за антикризни мерки за поддршка на компаниите и граѓаните. Опфаќа компании што оствариле промет над 615 милиони денари минатата година, а ќе го опфати делот што претставува зголемување на добивката за 20 отсто во однос на просекот од претходниот тригодишен период – потенцира Бесими.

Бурни реакции од бизнис-секторот за Законот за данокот на солидарност

Бизнис-секторот е револтиран за донесениот Закон за данок на солидарност со образложение дека двојно се оданочуваат компаниите што најмногу ја полнат државната каса и најави оспорување на законското решение пред Уставниот суд.
– Погубен и деструктивен за бизнисот и за стопанството во целата држава е Законот за данок за екстра оданочување, популистички наречен данок на солидарност. Покрај што во самото создавање на законот воопшто не беа земени предвид забелешките на тие што треба да го плаќаат, вака како што е донесен ќе направи непоправлива штета за компаниите. Законот, пред сѐ, се коси со начелата на бизнисот, со правата на инвеститорите и со исплатата на дивиденда. Трошоците за данокот на „солидарност“ излегуваат надвор од деловните годишни планови, по затворање на фискалната година, распределбата на дивиденда, отсуствуваат од годишните инвестициски и развојни стратегии – реагира Сојузот на стопански комори откако Собранието денеска го усвои овој закон.
Од Стопанската комора на С. Македонија, пак, сметаат дека со носењето на овој закон нема никакво усогласување со директивите на Европската Унија, а тој се носеше по брза постапка, односно со европско знаменце. И покрај тоа што се обратиле до највисоките државни институции, како што се претседателот на Собранието, до премиерот и до министерот за финансии, за да ги образложат негативните ефекти од носењето на овој Закон за данок на солидарност, носителите на политиките не го зеле тоа за сериозно мислење, наведуваат од ова бизнис-здружение.
За Стопанската комора станува збор за законско решение што, според неа, има селективен пристап затоа што се опфатени само големите компании. Оттаму најавија дека овој закон веднаш ќе го оспорат пред Уставниот суд.