Фото: ЕПА

ЕУ разгледува ограничување на цената на гасот поради високите разлики во цената споредбено со САД

Брисел ги разгледува овластувањата за привремено ограничување на цените на гасот во Европската Унија, кои неодамна достигнаа рекордни нивоа во споредба со САД, анализира „Фајненшл тајмс“. Европскиот природен гас неделава се тргуваше по највисоки цени во однос на последниве повеќе од две години, делумно поради ниските температури и недостигот од ветер што го попречи производството на обновлива енергија. Тие се меѓу три и четири пати повисоки отколку во САД, што претставува критичен хендикеп за европските компании.
Европската комисија размислува за ограничување на цените како дел од дискусиите за документот за политика за „чист индустриски договор“ што ќе биде претставен следниот месец. Стратегискиот документ треба да ги наведе начините за зајакнување на тешките индустрии на ЕУ. Разговорите околу механизмите за ограничување на цените, иако сѐ уште се во рана фаза, наидоа на реакција од индустриските групи, кои предупредуваат да не се оштети „довербата“ на европскиот пазар.
ЕУ првпат предложи слично ограничување во 2022 година, во екот на енергетската криза во блокот, што следуваше по постојаното намалување на руските испораки на гас за нејзините европски соседи. Ограничувањето никогаш не беше донесено, бидејќи цените останаа под реперот од 180 евра за мегават-час. Р.С.