Сликата што ја даваат ГЛОБАЛНИТЕ трендови на понудата и побарувачката на бензин е – ограничена понуда и високи цени!
Движењето на цените на нафтата секогаш е топ вест. Светската јавност секогаш со интерес ги следи цените на нафтата. Многумина дополнително со внимание ги следат и цените на другите најтргувани нафтени деривати, а некои од нив веројатно забележале нешто многу алармантно во трендот на еден од овие деривати.
Цената на бензините има динамичен нагорен тренд на раст
Според неодамнешниот извештај на „Блумберг“, бензинот, еден од шесте најтргувани нафтени деривати на глобалниот пазар на фјучерси, поскапе над 20 отсто од почетокот на годината до денес. Тоа значи дека динамиката на растот на цената на бензините е многу повеќе од она што расте суровата нафта.
На пример, на почетокот на оваа година, нафтата од типот брент се тргуваше околу 78 долари за барел. Оваа недела меѓународниот репер, кој сега вклучува и американска сурова нафта, достигна 83 долари за барел.
Бензинот, пак, ја започна годината со помалку од 2,50 долари за галон. Оваа недела бензинот надмина 2,90 долари за галон и може да достигне 3 долари.
Ова е причина за загриженост за владите низ светот бидејќи бензинот, заедно со дизелот, игра водечка улога кога станува збор и за инфлацијата. Кога цената на горивата расте, се зголемуваат и цените на сè друго, бидејќи сè друго се транспортира/дистрибуира од едно место на друго – од производителот до потрошувачот – со возила што користат или дизел или бензин. Побарувачката на бензин е внимателно опсервиран економски показател што аналитичарите го користат за да добијат увид во состојбата на економијата, меѓу многу други.
Бензинот и инфлацијата
Во Соединетите Американски Држави, Федералните резерви направија уште едно зголемување од 25 процентни поени за референтната каматна стапка. И Европската централна банка последователно ги зголеми каматните стапки на највисоко ниво во повеќе од две децении. И бензинот не се намалува!
Во Соединетите Американски Држави резервите од бензин се пониски од петгодишниот просек и поради јазот помеѓу побарувачката и стапките на производство. Но и поради една друга причина: непланираните прекини на рафинеријата на „Ексон“ во Батон Руж. „Блумберг“ тврди дека тоа е една од клучните причини за скок на цените на бензините, токму по таквите вести.
Во Европа, пак, рафинирањето и производството на бензин беа нарушени поради протестите во Франција, а потоа, минатиот месец, рафинеријата на „Шел Пернис“ во Холандија затвори единица поради истекување.
Сите тие причини во изминатите неколку години на двете страни на Атлантикот се комбинираат во една насока и создаваат јасна слика за снабдувањето со бензин. Имено, тоа опаѓа. А владите на европските земји сѐ повеќе воведуваат рестриктивни мерки за возилата на внатрешно согорување. Додека тие ги воведуваат овие забрани, па дури и ги гласаат, потрошувачката на бензини во Европа се зголемува. „Блумберг“ објави дека потрошувачката на бензин во Франција, Германија, Шпанија и во Италија е во пораст. Во исто време, поради ембаргото на руските горива, суровини потребни за производство на бензин се во недостиг на европскиот континент.
На другата страна на светот, кинеските рафинерии произведуваат милиони барели бензин и дизел. Тие, всушност, произведуваат толку многу што неодамна имаше маржи за рафинирање на притисок за целиот регион. Но, поголемиот дел од бензинот и дизелот што ги произведуваат кинеските рафинери се троши локално. Бидејќи, иако е најголем пазар за електрични возила во светот, Кина е исто така џиновски пазар за другите возила. И побарувачката за гориво е во пораст.
Заклучок: Сликата што ја даваат трендовите на понудата и побарувачката на бензин е – ограничена понуда и високи цени! Тоа, пак, најверојатно ќе ја задржи инфлацијата нескротлива и покрај силните напори на централните банки – но тие се напори, кои исто така, за жал, го поскапуваат животот! Добра страна на случајот: инфлацијата води до помала потрошувачка на сè, а лошата страна е дека начинот на борбата против инфлацијата со високи камати незадржливо води кон рецесија. Бензинот е добар показател за тоа. Е.Р.