Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерот за економија, Крешник Бектеши, најави кривични пријави за дел од трговците кои не ги почитувале владините одлуки за замрзнувањето на цените.

Бектеши кажа во текот на вчерашниот ден биле оземени над 15 тони овошје и зеленчук од страна на надлежните институции, а има прекршочни пријави и за управителите на Кванташки пазар. Казнети се и увозници на овошје и зеленук, како и компании кои се занимаваат со малопродажба.

Министерот ги објави имињата на некои од поголемите маркети кои ја прекршувале владината одлука, тие се КАМ, Веро, Кипер, Стокомак, Миса, Тинекс.

Појасни дека на овие трговци веќе им се изречени глоби, а дополнително за дел од нив, неделава, ќе бидат поднесени и кривични пријави.

– Во петок јавно ќе се покренат кривичните постапки – рече Бектеши.

Одлуката за цените ќе продолжи да важи и во наредниот период.

Директорот на државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски изјави дека на Кванташки биле констатирани многу прекршоци.

Затекнати се трговци кои не водат евиденција во трговија, рече тој, а одземените стоки се предадени до Агенцијата за управување со одземен имот.

Трајковски најави дека од денес сите инспектори кои констатирале прекршок ќе се појавуваат на судските рочишта, и тоа мора да биде пракса. Системот мора да профункционира, додаде тој.