фото: Пиксабеј

Одлуките на Уставниот суд не се коментираат, туку се спроведуваат и ако Судот донесе одлука да се вратат 50-те милиони евра од солидарниот данок ние ќе ги вратиме – посочи денеска премиерот Христијан Мицкоски.

-Ние враќаме многу работи кои ги задолжиле претходните. Многу пати сум рекол дека нема да ги коментирам одлуките на Уставниот суд. Ако донесат таква одлука мора да ги вратиме тие пари, нема што да правиме, ќе скратиме од нешто друго и ќе направиме ребаланс. Воедно ќе ја разгледаме и можноста за кривична одговорност на тие кои донесоа одлука на ваков начин да се води економијата зашто дефакто Буџетот е оштетен, а може утре и камати да ни побараат ако донесе таква одлука Уставниот суд – рече Мицкоски.

Нагласи дека одлуките на Уставниот суд се конечни и не може да се коментираат и додаде дека станува збор за пари кои им припаѓаат на сите граѓани, а Владата само менаџира со нив.

-Доколку донесе одлука Уставниот суд наместо да правиме вакви улици, училишта, булевари, експресни патишта ние ќе ги вратиме парите затоа што некој се однесувал како што се однесувал – насилно дивеел и мислел дека е семоќен, но очигледно е дека ние ќе мора да плаќаме за тоа и ќе плаќаме и пак ќе успееме – рече Мицкоски.

Уставниот суд за 15-тина дена треба да донесе одлука за солидарниот данок од 50 милиони евра кои се веќе наплатени од фирмите од претходната Влада.