Компанијата „Џенерал моторс“ (ГМ) забележа нето-загуба во второто тромесечје од 758 милиони долари или 56 центи по акција, во однос на профитот од 2,4 милијарди долари или 1,66 долар по акција во истиот период лани.

На приспособена основа, негативниот финансиски резултат изнесува 806 милиони долари, а кога ќе се исклучат еднократните ставки загубата изнесува 50 центи по акција, додека аналитичарите очекуваа загуба од 1,77 долар по акција, пренесува „Ројтерс“. Финансиската директорка на ГМ Дивија Сурјадевара на прес-конференција изјави дека ако економијата на САД продолжи да закрепнува од корона-кризата и ако нема нови запирања на производството во автоиндустријата, компанијата би можела да генерира доволно готовина за отплата на заемот од 16 милијарди долари до крајот на годината.

Најголемиот американски производител на автомобили не ја изнесе прогнозата за заработката на годишно ниво, но наведе дека во билансот на состојбата на крајот на вториот квартал имал 30,6 милијарди долари во готовина.