Кампањата „Дома си е дома“ и ваучерите за поттикнување на туризмот ги привлекоа домашните туристи, а безбедносниот печат значително придонесе за странски гости

Туризмот сѐ уште трпи последици од корона-пандемијата. Сепак, надлежните велат дека годинава е добра, иако полоша од 2019 година, со двојно помал број чартер-летови.
– Туризмот ги даде очекуваните резултати. Сезоната беше успешна благодарение на владините мерки и политики, креирани заеднички со приватниот сектор – беше истакнато вчера, на настанот по повод Светскиот ден на туризмот.
Според министерот за економија, Крешник Бектеши, кампањата „Дома си е дома“ и ваучерите за поттикнување на туризмот ги привлекоа домашните туристи, а безбедносниот печат значително придонесе за странски гости.
Бектеши најави дека дигитализацијата и промоцијата на земјава како атрактивна дестинација ќе бидат меѓу приоритетните активности во областа на туризмот.
– Туризмот во светски рамки беше еден од најпогодените сектори. Владата го поддржа со конкретни мерки и активности. Според сите показатели, годинава се постигнати очекуваните резултати. Имајќи ги предвид бројките, мерките дадоа видливи резултати. Во периодот јануари – јули 2021, во однос на истиот период лани, бројот на туристи е зголемен за 56,6 отсто или регистрирани се 320.000 туристи што оствариле над еден милион ноќевања – посочи Бектеши.
Тој додава дека освен субвенциите, кои во целост ќе бидат исплатени следната или најдоцна во наредните две недели, имало и директни грантови за надминување на кризата.

Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Љупчо Јаневски, најави дека приоритет во наредниот период ќе бидат дигитализацијата и промоцијата на земјава како атрактивна туристичка дестинација, додека претставниците од туристичкиот сектор побараа поддршката да продолжи и државата заедно со нив да учествува во развојот на оваа стопанска гранка.
– Се менуваат пазарите и целните групи. Туристите сѐ повеќе бараат природа, зелено, авантура. Понудите ќе бидат поинакви од оние досега. Ќе има сѐ помалку масовни тури и повеќе селективни форми на туризам. Тоа значи дека и промотивните канали преку кои треба да се обратиме до тие целни групи, треба да бидат дигитализирани. Агенцијата заедно со Министерството за економија и туристичките работници во наредните една-две години ќе ја создаде платформата Е-туризам – истакна Јаневски.