Нема да дозволиме како завчера, поединци политички да профитираат на сметка на лозарите, истакна денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, повторувајќи дека нема да има политика во земјоделието додека тој го води министерството, како и дека нема да има поделба по таква основа меѓу производителите. Министерот го истакна ваквиот став по повод завчерашниот протест на лозарите пред винарницата „Тиквеш“.

– Генерализирање на лозарите не е коректно и не е во ред. Сум кажал и на самиот почеток, кажувам и сега – додека јас го водам министерството, нема да има политика во земјоделството. Нема да се делат по политички бои, не само лозарите, туку и сите други и производителите. Жал ми е што некои политичари тоа сѐ уште не го сфатиле, а дури се обидуваат да добијат уште еден градоначалнички мандат на маката на лозарите – категоричен беше Хоџа, одговорајќи на новинарски прашања по средбата со црногорскиот колега Александар Стијовиќ.

Тој напомена дека лозарите со негова ургенција биле примени кај раководството на винарницата „Тиквеш“.

– Не ми беше јасно што се случуваше тој ден. Со моја ургенција лозарите беа примени кај раководството на „Тиквеш” за да разговараат, и веднаш потоа почна откупот. Но, изгледа дека тоа не им одговараше на поединци и тие повторно го прекинаа откупот – посочи Хоџа.

Министерот очекува сите винарски визби да ги почитуваат договорените цени од 11 денари за „смедеревка” и 13 денари за „вранец”, сметајќи дека откупот на грозјето ќе тече непречено.