Форд Мотор наводно има намера да укине повеќе од 20.000 работни места откако неодамна процени дека заради царините што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, добивката следната година ќе му се намали за најмалку една милијарда долари.

Најголемиот американски производител на автомобили сè уште јавно не открива колку работници ќе бидат погодени со новите мерки. Но, аналитичарите на Морган Стенли проценуваат дека би можеле да бидат опфатени 12 отсто или 24.000 до 202.000 работници на Форд ширум светот, јави НБЦ.

Отпуштањата би требало да бидат насочени на 70.000 канцелариски работници, како дел од она што компанијата го нарекува „редизајн“ на својот персонал во моменталната реорганизација вредна 22,5 милијарди долари.

Воведувањето на царини од страна на Трамп за увозот на челикот и алуминиумот, како и возвратните царини, и нанесуваат огромни штети на американската, но и на светската автомобилска индустрија.

Извршниот директор на Форд Џим Хакет минатиот месец изјави дека само царините на алуминиумот и челикот силно ја погодиле добивката на компанијата.

– Од перспектива на Форд, царините на метал ни одземаа околу милијарда долари добивка. Иронично е што поголем дел од тоа се набавува во САД. Ако оваа ситуација продолжи, ќе има уште поголема штета – рече Хакет.

Се очекува трговската војна меѓу Кина и САД да продолжи да прави штета на резултатите на компанијата.