Домашните компании ќе се вклучат во процесот на дуално образование во рамките на средното стручно образование Фото: Игор Бансколиев

Потребата за квалификуван кадар ги натера стопанствениците сами да иницираат промени во образовниот систем и да се заложат за регулирање на пазарот на трудот за да ги запрат неповолните трендови, чии последици веќе ги чувствуваат и тие и државата

Голем проблем во последно време е недостигот од работна сила, кој, се чини, станува најголем ограничувачки фактор за економијата. Потребата за квалификуван кадар ги натера стопанствениците сами да иницираат промени во образовниот систем и да се заложат за регулирање на пазарот на трудот за да ги запрат неповолните трендови, чии последици веќе ги чувствуваат и тие и државата.

Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија, вели дека еден од проблемите, кој голем број компании, членки на комората, го оценуваат како ограничувачки за нивниот раст, се недоволните вештини на работната сила што може да биде ангажирана на пазарот, поради што постои потреба од дополнителна обука, која генерира трошоци.

– Фирмите укажуваат и бараат квалитетни обучени кадри, кои по завршувањето на образовниот процес побрзо и поефективно, но и со помали трошоци за фирмите, ќе се вклучат во производствените и услужните процеси. Од друга страна, и образовните институции укажуваат на повеќе проблеми, кои ги оневозможуваат да продуцираат кадри со квалитет каков што се бара на пазарот – објаснува Азески.

Тој нагласува дека проблемот со наоѓањето квалитетна работна сила е од ургентна природа и бара преземање итни чекори.

– За таа цел комората како партнер во делот на образованието ќе се насочи кон активности, кои ќе значат поддршка за домашните компании и кои ќе се вклучат во процесот на дуално образование во рамките на средното стручно образование.

Дуалноста во суштина се однесува на наизменично учење и во училиштето и во компанијата, односно на начинот на соодветна комбинација на теоријата и на практиката. Резултатот од ова е да произведеме профилирани кадри, кои стекнатото теоретско знаење во училиштето ќе го унапредат, проверат и ќе го спроведат преку директна практична работа во компаниите – истакна Азески.

Тој додава дека искуствата покажуваат оти во земјите каде што функционира системот на дуално образование стапката на невработеност е помала од 10 отсто.

– Ќе се користат искуствата од досега имплементираното од страна на странските компании во Македонија. Ќе се разгледа и можноста да се поведе иницијатива за државна поддршка на компаниите што ќе се вклучат во процесот на дуално образование, посебно за оние струки што се дефицитарни, а се неодложно потребни за индустријата преку покривање на надоместок на учениците за време на практичната настава, обезбедување заштитна опрема, даночни субвенции – појаснува Азески.

Понатаму, ќе се поведе иницијатива за обезбедување стипендии за ученици што ќе се запишат и ќе завршат средни стручни училишта од дефицитарни струки, потребни за индустриски гранки што се двигатели на економскиот раст.

– За поддршка на процесите што треба да доведат до подобрување на квалитетот на работната сила, која му е потребна на бизнисот во земјата, комората ќе ги продолжи и своите проектни активности – најави Азески.

И Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија е согласен дека веќе станува изразен недостигот од работната сила со потребните квалификации. Најголеми недостиг, како што вели, имаат компаниите од преработувачката индустрија. Тие имаат отворени огласи за вработување на кои воопшто не се јавуваат работници.

– Причината за недостигот од работници не е иселувањето на младите, туку иселувањето е резултат на огромниот расчекор помеѓу потребните занимања и понудата на кадар на пазарот на трудот. Имено, структурата на нашето стопанство е таква што најмногу се бараат мануелни работици и работници со средни стручни занимања. Од друга страна, најголемиот број млади завршуваат некакво високо образование и тоа од општествените науки и не сакаат да конкурираат на работни места каде што се бара средно образование. Излезот, за жал, го гледаат во заминување од земјата – објаснува Димитров.

Тој додава дека на овој начин државата губи двапати: еднаш во трошоците за образование на тие млади луѓе, кои ќе придонесуваат за развој на друга држава, а вториот пат со пад на производството и приходите поради неискористување на производните капацитети.

– Не постои сектор односно гранка во преработувачката индустрија каде што нема недостиг од работници. Тоа се производство на прехранбени производи, текстил, облека, кожа и чевли, преработка на дрво, производство на мебел, но исто така и во земјоделството, градежништвото, трговијата на мало, угостителството и хотелиерството. Секако дека недостигот од работници негативно влијае на економскиот раст и на состојбата на компаниите, па и на целокупниот развој и стандардот на граѓаните – истакна Димитров.

Како што вели тој, во поразвиените држави, каде што овој недостиг исто така е присутен, секоја година се пресметуваат загубите во бруто-домашниот производ на земјата што се предизвикани од расчекорот на понудата и побарувачката на пазарот на трудот.

– И кај нас оваа загуба е огромна, иако никој не се обидел да ја пресмета. За да се спречат овие негативни тенденции системот на образование мора да се приспособи на потребите на стопанството. Ова значи дека е неопходно кариерно насочување уште во основно образование и оние ученици со добри оценки да се насочуваат кон гимназија и подоцна на факултет, а послабите ученици кон средните стручни училишта – смета Димитров.