Изгубените поштенски пратки, пречекорувањето на рокот на достава, застарените трендови за испорка, ќе бидат актуелни и годинава, со оглед на тоа што не се спроведуваат неопходните чекори за либерализација на пазарот на поштенски услуги во земјава, предупред Сојузот на стопански комори на Македонија

Од таму велат дека монополот во поштенските услуги влијае лошо на квалитетот на услугите кои се испорачуваат и дека неопходно е пазарот да се отвори за конкуренција, со оглед на тоа што одложувањето на долго очекуваната либерализација на поштенскиот пазар, веќе петта година по ред носи негативни ефекти врз развојот на поштенската индустрија во земјата, но и врз компаниите и граѓаните кои трпат штети поради неквалитетните услуги.

– Одложувањето на либерализацијата на пазарот на поштенски услуги значи континуитет во намалување на квалитетот на поштенските услуги и забавување на имплементацијата на нови и современи трендови за брзина и сигурност на доставата. Приватните поштенски оператори, членови на Сојузот, сметаат дека слободната конкуренција на пазарот на поштенската индустрија, ќе донесе придобивки во поглед на подобрена ефикасност при достава, учество на поголем број компании на слободниот пазар за обезбедување подобри и поквалитетни услуги за крајните корисници како и имплементација на нови трендови и напредни софтверски решенија за следење на пратките и зголемување на сигурноста и брзината при достава – изјави Александар Зарков, извршен директор на Сојуз на стопански комори на Македонија.

Со одложување на либерализацијата, додава тој, АД Пошта и натаму ќе го задржи ексклузивитетот во цената на резервираните поштенски услуги што опфаќаат прием, пренос и врачување пратки за кореспонденција писма и поштенски картички и пратки на директна пошта до 50 грама.

– Моментално и приватните поштенски оператори имаат право да ја извршуваат и резервираната поштенска услуга, но со цена најмалку два и пол пати повисока од цената по која давателот на универзална услуга носител на индивидуална дозвола ги обезбедува пратките од резервираниот дел. Во услови на слободна конкуренција цената ќе се одредува согласно условите на пазарот без повластувања на одредени оператори – појасни Зарков.

И од Агенцијата за пошти, велат дека не треба да се менува предвидениот датум за либерализацијата и дека укинувањето на резервираните услуги ќе значи зголемена конкурентност на пазарот.